Сашо Станојковиќ, уметник: Боите на Шарена револуција се уметнички револт, а не вандализам

Ликовниот уметник Сашо Станојковиќ минатиот месец поднесе барање до Управата за заштита на културното наследство и НУ Конзерваторски центар Скопје, за Шарената револуција да се прогласи за културно наследство. Станојковиќ за Радио МОФ вели дека причините за неговата иницијатива се истовремено културно-политички и уметнички. Тој бил испровоциран од прогласувањето на одредени објекти од „Скопје 2014“ како културно наследство, а како дополнителен поттик му биле секојдневните протести на неформалното движење „Протестирам“, кои веќе осма недела се оддржуваат во Скопје.

Директен повод, објаснува тој, биле и „спонтаните акции за чистење“ на спомениците од бојата, во Скопје и во другите градови.

„Со предлог-барањето сакав да укажам на опасноста од трајно исчезнување и бришење од колективната меморија на овој исклучителен историски настан за Македонија, што сегашната власт се обидува да го постигне и со маргинилизирањето на обележувањето на анти-фашистичкото минато и спомениците посветени на тој период“, вели Станојковиќ.

Според него, Шарена револуција е оригинален уметничко-партиципативен протестен проект, кој покажува дека граѓаните за првпат станале свесни за демократското право да одлучуваат и интервенираат за јавниот простор во сопствениот град.

„Наместо да биде како досега, привилегирано место што им припаѓа само на политичките елити или на припадниците на една партиска опција, етничка, родова или религиозна припадност, градот станува достапен на сите граѓани и тие можат да го организираат според нивните потреби и уметнички афинитет. ,,Шарената револуција“ и нејзините интервенции се споменици на солидарност по мултинационална и мултикултурна основа, за разлика од владиниот проект „Скопје 2014“. Јас во моите уметнички проекти ги истражувам токму ваквите реципрочни врски меѓу уметничкото и политичкото, бидејќи уметноста одамна не е веќе само формирање на имагинарна и утописка реалност“, објаснува овој уметник.

За Станојковиќ, пак, Шарена револуција претставува „уметнички револт“, а не вандализам.

„За мене како граѓанин што е роден во Центар и сега живее во истата општина, вандализам е кога некој без прашање и јавна дебата преку ноќ менува урбанистички планови, го наметнува својот (не)вкус и посакуван стил и врз зградата во која живеете лепи стиропор без ваша согласност, но со ваши пари“, вели тој.

Во однос на тоа колку критичката мисла се буди и кај ликовните уметници, тој вели дека полека, но сигурно, револуционерниот дух се раѓа и меѓу неговите колеги, со кои секојдневно се гледа на протестите и активно учествуваат на боењето.

Неговата независна кампањата е дел од долгорочен проект што го започнал во Виена уште во 2014 со перформансот „Let them Eat Monuments”. Станува збор за работилница посветена на спомениците од „Скопје 2014„ во која публиката јадела минијатурни чоколади во форма на „Воинот на коњ“ и Портата „Македонија“, додека се дискутирало за општествените контрадикции.

Сепак, откако го доставил барањето, уметникот не добил никаков одговор. Станојковиќ се надева дека неговата иницијатива ќе поттикне барем јавна критичка дебата за тоа што претставува културно наследство, во каква јавна уметност се инвестираат јавните пари и кој всушност одлучува што е уметност во државата. Тој посочи дека и во иднина ќе продолжи со слични граѓански иницијативи, без разлика на одговорот што ќе го добие за неговото барање.

Е.П.