„Датумот за избори се повлече, но останува уште долг пат до решението“, велат од неформалното движење #Протестирам, кое и за денес најави протест што ќе започне пред Специјалното јавно обвинителство во 18 часот.
Осма седмица, или точно 52 дена траат протестите, со кои меѓу другото се бара оставка на претседателот Ѓорге Иванов, поништување на аболицијата, вклучување на граѓански претставници во преговорите за излез од кризата, но и формирање преодна влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори.
„Секој ден во 18 часот, покрај тоа што значи бунт, значи средба со своите соборци, знајни и незнајни другарки и другари со кои споделуваме гнев, но споделуваме и желба за подобро утре. Во мислите ни се оние што поради режимот се сè уште во куќен притвор“, велат од #Протестирам.
Досега е исполнето само едно барање, за одложување на изборите од 5 јуни.