Петар Поповски пред две недели доби светско признание во Куала Лумпур за развој на 5Г технологија. Toj го прими признанието облечен во маичка со кратенката на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), по што брзо стана хит на социјалните мрежи. Во интервју за Радио МОФ, Поповски зборува за иднината на безжичната технологија, за истражувањата во Данска, каде живее веќе 15 години и е редовен професор на Универзитетот во Алборг, но и за начинот на кој владите можат да манипулираат со овој вид на комуникација.
Вашето најново достигнување во развојот на 5Г технологијата доби светско признание за време на Интернационалната конференција за комуникации во Куала Лумпур, Малезија. Тоа е голем проект на кој работевте три години. За што станува збор?
Оваа награда е за група од пет автори, од кои еден сум и јас, за статија која ја објавивме во 2014 и која претстави визија како ќе изгледа 5Г и кои релевантни технологии ќе треба да се развиваат во тој контекст. Во тој смисол, наградата не е толку лично признание, туку повеќе признание за техничката визија на нас како група автори. Јас на 5Г проблематиката работам од 2012 година, кога станав дел од првиот голем европски проект од таа област, и воглавно се занимавав со делот кој се однесува на комуникација помеѓу машини и Internet of Things. Другите четири коавтори работат на други аспекти од 5Г и некаде во 2013 заклучивме дека треба да ги интегрираме тие аспекти во една заедничка визија. Денес таа статија е многу цитирана и во голема мерка успеа да ги предвиди насоките во кои 5Г се развива денес, затоа и ни беше доделена наградата.
Исто така, јас бев автор на главниот диајграм во статијата во кој се позиционираат тековните безжични технологии и 5Г технологиите. Три години подоцна сум пријатно изненаден кога гледам дека директорот на Nokia Bell Labs го користи истиот дијаграм од таа статија за да објасни што е тоа 5Г.
Како 5Г технологијата ќе му помогне на светот и во што е понапредна од нејзините претходници?
5г е термин за безжичната технологија која ќе понуди безжични врски за масовен број на мобилни уреди, сензори и објекти од секојдневието. На некој начин тоа е комуникациска платформа која не само што ќе овозможи уште побрз пристап до интернет, туку ќе овозможи голем број на нови услуги од областа на енергетика, индустриско производство, здравство, сообраќај и сл. На пример, такви услуги се далечинското следење на здравствена состојба која се мери преку разни сензори, далечинско изведување на хируршки интервенции, флексибилно продавање и купување на енергија од домаќинство кое има соларни панели.
Ова големо множество услуги се базира на три генерички услуги кои треба да се поддржат во 5Г: (1) услуга што нуди голема брзина на конекцијата, до десетици гигабити во секунда (2) услуга што нуди ултранадежни безжични конекции, како на пример оние за хируршка интервенција на далечина и (3) услуга за поврзување на масовен број на сензори, актуатори и други објекти кои се под чадорот на Internet of things. Секоја од овие услуги бара специфични технички решенија, а многу е важно прашањето како тие ќе се интегрираат во еден систем. Во нашата статија за која добивме награда прилично прецизно ги исцртавме контурите на овие три генерички услуги, како и технологиите што ќе треба да се применат и оптимизираат.
Она што вистински предизвика интерес, a веројатно за момент го стави во сенка и вашиот успех, е појавувањето во маичката на која е испишана кратенката на Специјалното јавно обвинителство, додека го примавте признанието. Значи ли тоа дека СЈО и Шарената револуција, која во моментов се случува, ја имаат вашата поддршка?
Џабе е наука и технологија, ако нема правда и е погазено човековото достоинство. Ова второто јасно го чувме од прислушуваните разговори, наспроти фактот дека во последнава деценија јавно се пропагираа проекти за технолошки развој во Македонија, имаше инфлација на универзитети и орвеловско повторување на пароли околу важноста на знаењето. Содржината на разговорите, невештата прес-конференција за клонираните базни станици, како и бесконечното повторување дека снимките се монтирани, без притоа да се даде доказ за тоа, се за мене кристално јасни индикатори дека треба да се поддржи СЈО, институцијата која треба сето тоа да го истражи. Шарената револуција е одговор на одлуката за аболиција со која директно се саботира работата на СЈО, и како таква најголемата поддршка на СЈО во моментов. Јас не сум физички во Македонија и тоа беше мој начин да дадам поддршка на правдата.
Речиси 15 години сте во Данска, каде изминативе неколку години сте редовен професор на Универзитетот во Алборг. Ваше поле на истражување се безжичните комуникации, кои сè повеќе се мета на хакерски напади и злоупотреба. Колку е лесно за владите да манипулираат со комуникациската технологија и на кој начин би можеле да го направат тоа?
Застрашувачки лесно. Безбедноста и приватноста на комуникациите во голема мерка се зависни од тој што ја контролира комуникациската инфраструктура, така што, и покрај големите технолошки напредоци, секогаш има алка во системот која зависи од моралниот интегритет на група луѓе кои имаат пристап до таа инфраструктура. Затоа е потребно да постои независна контрола на институциите и фирмите кои имаат моќ/потенцијал да манипулираат со комуникациите. Во принцип, кога еднаш податоците се испратени до инфраструктурата и одат преку различни линкови и рутери, не постои гаранција дека некој таму не прави копии од нив, пробува да ги декриптира, ги дава на гатачка, и сл. Од друга страна, паметните телефони имаат голема процесирачка моќ и мемориски капацитет и од тој аспект се идеална платформа за да се става скриен софтвер кој го претвара телефонот во уред за следење/снимање на неговиот сопственик.
Според вас, постои ли одреден степен на ваков вид манипулација и во Македонија, со оглед на тоа дека Македонија ја тресеше голем скандал со прислушувањето?
Самото тоа што не се најде волја да се направи верификација на автентичноста на прислушуваните разговори, посочува на тоа дека нешто се крие и манипулира. Прислушуваните разговори поставуваат три едноставни прашања (за кои, секако одговорите не се едноставни): 1) кој прислушувал; 2) дали се снимките автентични и 3) ако под 2) се одговорило „да”, тогаш каква реална неправда и кривични дела се имплицирани од снимките. Мене ми личи дека се прави сè за да се дефокусира вниманието од овие три прашања, а токму СЈО треба да го држи фокусот на нив.
Хамлет, од ремек делото на Шекспир, вели „Нешто е труло во државата Данска“. Меѓутоа се чини дека не е сè така труло штом е привлечна земја за младите. Што е она што Данска им го овозможува на младите истражувачи, во споредба со Македонија?
Хмм… ќе треба да ги прашам младите истражувачи од мојата група, затоа што мене ми истече рокот на атрибутот „млад” :) . Во скандинавските земји има солиден буџет за наука и истражување и тоа е основа за давање на можности на млади истражувачи. Сепак, тие средства се доделуваат во еден исклучително компетитивен процес, така што не е сигурно дека се секогаш на располагање.
Од друга страна, и истражувачите од Македонија имаат пристап до европските средства, така што тука можностите се, барем навидум, еднакви. Она што е различно е административната поддршка за водење на проектите, која тука во Данска е извонредно поедноставена и овозможува флексибилно вработување на истражувачи.
Трета и, можеби најважна работа, е тоа што постои екосистем за иновација кој мотивира креирање на стартап компании (во една таква учествувам и јас), а голем број од проектите се во директна врска со индустријата. Данска е земја од само 5 милиони луѓе, а има непропорционално голем број на врвни брендови, како Лего, Вестас, Маерск, Данфос, Новонордиск, и сл. Директорите на тие фирми јавно кажуваат дека соработката со универзитетските истражувачи е клучна за одржување на иновативноста и компетитивноста.
Ве оквалификуваат како „македонскиот гениј“, вашите признанија и награди се многубројни. Во февруари бевте прогласен за еден од петте најуспешни истражувачи во Данска, при што наградата ви беше врачена од данската принцеза Мари. Колку од ова ќе се случеше да останевте во Македонија?
:) Mногу лесно се даваат такви силни квалификации, „гениј” е дефинитивно преувеличување, дури и за некои од моите колеги кои имаат многу повеќе награди од мене. Да останев во Македонија, сигурно е дека нема да добиев награда од принцеза, затоа што таква немаме во Македонија, иако постоеја обиди за креирање на монархистичка партија во 90-тите.
Искрено, не можам да шпекулирам со одговор на ова прашање, иако многумина во Македонија, без да ги прашам, авторитетно ми го кажале нивниот одговор на ова прашање за мене, на пример во стил „Ништо, да останеше во Македонија ќе те шуткаа од некоја партија”. Знам само дека секојдневно се преиспитувам дали она што го правам е добро и има смисол, како да го направам подобро и како да не ги повторам грешките, што се многубројни во истражувачкиот процес.
Некои се плашат од пребрзиот развој на технологијата, други пак, се нетрпеливи да дознаат што ново ќе се случи. За крај, што може да очекува човештвото од развојот на безжичната технологија?
Безжичната технологија е само еден елемент во комплетната дигитализација што ќе следи. Никогаш порано не сум бил загрижен како сега по прашањето како технологијата ќе влијае на нас во годините што доаѓаат, затоа што комплетната дигитализација, автоматизација, роботизација и зависност од обработка на податоци комплетно ќе го смени начинот на кој работиме, одиме на лекар и ги учиме нашите деца. Наспроти позитивната перцепција дека интернетот ги демократизира работите, што е во голема мера точна, идниот интернет ќе укинува и трансформира работни места. Се плашам дека тоа уште повеќе ќе ја зголемува нееднаквоста меѓу луѓето, затоа што сè помал процент на луѓе ќе имаат простап до високо лукративни позиции.
Секако дека на ова итарпејовската логика би ми рекла „Па што се мешаш тогаш во развој на таква технологија, ако знаеш дека може да е лоша”. Мојот одговор е – се мешам и останувам во тоа, не само затоа што ми е интересно да работам на технологијата, туку и затоа што така барем имам мала можност да влијаам на користењето на таа технологијата, подигнување на свесноста за можностите и ризиците кои таа ги нуди, како и придонес кон тоа таа дигитална технологија да не излезе надвор од контрола.
Емилија Петреска