Вистинска автономија, нов Закон за високо образование, воведување на нов модел за финансирање и легитимни студентски претставници, се дел од ветувањата на кандидатите за иден ректор на најголемиот и најстар државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“, функција која ќе биде наследена од сегашниот ректор Велимир Стојковски.
Дебатата, организирана од Професорскиот пленум, имаше за цел да ги претстави и да се отвори дискусија за програмите на кандидатите за ректорското место. Во неа учествуваа Атанас Кочов, декан на Машинскиот факултет, Ненад Новковски, редовен професор на ПМФ, Александар Димитров, професор на Технолошко металуршкиот факултет , Коле Василевски, од Шумарскиот факултет во Скопје и Елена Думова Јовановска, редовен професор на Градежниот факултет. На неа не присуствуваше кандидатот за иден ректот, сегашен декан на Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски поради обврски, а отсуствуваше и претставник од Студентскиот парламент.
Иако најавена како јавна, прашања на дебата можеа да поставуваат само претставници од академската заедница, со барање, меѓу другото, да се не опфаќаат секојдневни политички теми како полициската акција во која беа приведени професори од Економскиот факултет поради сомнение за корупција.
Прв се обрати Василевски, кој нагласи дека работа на идниот ректор е пред сè да покрене иницијатива за изготвување на нов Закон за високо образование. Според него, во многу наврати се покажало дека законите функционираат на хартија, но во пракса, резултатите се катастрофални. Своја критика упати и за Болоњскиот систем, за кој смета дека е чиста импровизација, но и за непочитувањето на автономијата на универзитетот.
„Автономијата е загарантирана со Устав, но во пракса не се почитува од повеќе аспекти. Како прво, слободата на професорите да ги креираат студиските програми, финансиската неслобода, која може да се види и од приходите на професорите. Од овие причини треба да се бориме за нашата автономија, која не е нападната само однадвор. Јас мислам дека и ние внатре имаме пропусти, со функционирањето на ректоратот преку нашите единки“, рече тој.
Сличен став делеа и останатите негови колеги, според кои, финансирањето на универзитетот е еден од најважните аспекти на автономијата. Професорот Никола Димитров нагласи дека во самите факултети постои дискриминација во однос на примањата на професорите.
„Како да очекуваме професорите да доаѓаат среќни и задоволни на работа и да си одат такви, и притоа да го споделат знаењето со студентите, а кои едвај преживуваат. Тие земаат 26 000 денари плата, потребна за да се отиде во Скопје, да се одгледа фамилија, или да се плати кирија“, праша тој и забележа дека една од причините за ваквата нееднаквост е нефункционирањето на Советот за финансирање при Универзитетот.
За единствената жена кандидат за ректор, Елена Думова Јовановска, проблематични се реформите во Законот за високо образование. Таа предложи да се врати Законот од 2008 година, без измените, но за возврат да се одржуваат дебати и истражувања. Функцијата ректор, таа ја дефинираше како:
„Ректорот не го гледам како витез на бел коњ, којшто доаѓа и се бори со ламјата, додека сите други го гледаат зачудено, восхитено и зависно од исходот. Не, тоа е заедница во која се разбира секој има различна тежина на одговорност, но главна задача на ректорот е да креира средина во којашто ќе имаме отворена дебата и каде што ќе можеме тоа да го оствариме“.
Атанас Кочов, пак, подвлече дека на УКИМ не му е потребен само ректор, туку и менаџер кој ќе го направи универзитетот препознатлив на домашна и меѓународна сцена. Како негов главен фокус е издигнување на студентите и алумни организацијата, постигнување на академска слобода и критичката мисла.
„Факт е дека ни е потребен Совет за финансирање, со цел да имаме стабилно финансирање на универзитетот. Тој треба да има и резервен фонд за да може да излезе во пресрет на сите оние членки и единици на универзитетот, коишто се соочуваат со одредени проблеми“, подвлече тој, додавајќи дека потребно е да се искористат и странски фондови за потребите на универзитетот.
На ова, се спротивстави Ненад Новковски, според кого пред да се бараат пари од странските фондови, потребно е ректорот да се избори за оние средства кои со закон следуваат.
„Менаџментот ни е за никаде, а организацијата ни е катастрофа. Ние имаме суштински проблем со универзитетскиот менаџмент, со кој осум години назадуваме, бидејќи нема кој да пружи отпор да се постапи онака како што треба. Ќе бараме странски фондови, но откако ќе ги добиеме оние средства што ни следуваат и кои ние мораме да ги земеме и одговорно да ги применеме. Според Устав, државата е должна да го финансира високото образование и наука, и некој треба тоа да им го каже. Што би се рекло – ректорот рика како лав, а гали како мајка“, рече Новковски, за време на своето излагање.
Она што предизвика вистинска дебата меѓу професорите беше прашањето за студентските претставници и нивната легитимност. Сите професори се согласија дека би се откажале од својата титула доколку бидат избрани од нелигитимните студентски претставници во Универзитетскиот Сенат.
„Не би сакал да бидам избран за ректор, ако подоцна има сомнеж за легитимноста. Јас сакам да бидам избран со легитимни избори“, кусо рече Кочов, на што се надоврзаа и останатите кандидати, иако речиси сите изјавија дека не се соодветно запознаени со овој проблем.
Дебатата траеше цели три часа, иако голем број на прашања не беа поставени. Таа доаѓа како најава за ректорските избори кои законски треба да се одржат на 15 јули.
Е.П.