Потребни се измени и дополнувања на образовните содржини за прашањата поврзани со заштитата на личните податоци и правото на приватноста на Интернет. Но претходно треба да се развијат програми за континуирана едукација на наставниците во средните и основните училишта, за да можат ефективно да ги употребуваат дигиталните технологии во образованието.
Несоодветен пристап за подготовка на наставниците за дигитализирано образование
Националната образовна политика и стратегија за развој на образованието и акцискиот план на МОН за 2015-2017 мора да ги следат новите развојни процеси и потреби кои произлегуваат од модерните информациско-комуникациски технологии (ИКТ). Оспособувањето на наставниот кадар за „новото време“ и дигитализацијата како методологија за учење е предизвик за креаторите на политиките. Отсуството на системски приод допрва ќе резултира со последици на пазарот на трудот и вработувањето на соодветен кадар со ИКТ вештини.
Националната стратегија за развој на е-содржини 2010–2015, која ги следеше потребите за е-учење и проектот „Компјутер за секое дете“, не даде видливи резултати во оваа насока. Националнатакраткорочна ИКТ стратегија 2016-2017, во согласност со стратешкиот план на Министерството за информатичко општество и администрација за 2016-2018, повторно содржи индикатори за недоволно формално и неформално ИКТ образование.
Веќе е констатирано неусогласеност помеѓу знаењата и вештините кои му се потребни на ИКТ секторот и тековните наставни програми за образованието. Тогаш каде се греши? Толку стратегиски документи со звучни имиња, а повторно нема соодветен пристап и систематско и системско планирање на програма за едукација на наставен кадар, што потоа треба да ги оспособи идните вработени со ИКТ вештини потребни за пазарот на трудот.
Кои се потребите на наставниците за заштита на личните податоци на Интернет?
Според анализите направени од Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), учениците се свесни за потребата за заштита на личните податоци, но сè уште повеќето од нив се збунети за тоа кои се тие податоци и какви се заканите и ризиците од нивна злоупотреба. Учениците тврдат дека се сретнале со проблематиката на училиште, но дека бројот на теми и прашања кои ја обработуваат оваа област е мал. Меѓутоа, учениците не можат да очекуваат поголема поддршка и помош во училиштето при можна злоупотреба на личните податоци, бидејќи голем дел од вработените во училиштата не знаат што може да се побара како личен податок, ниту кој е правниот основ за да се задржи како податок.
Детални податоци нуди Извештајот за преглед на постојната состојба, кој ги содржи резултатите од истражувањето со наставниот кадар од скопските општини Центар, Карпош, Гази Баба и Кисела Вода и градовите Струмица, Битола, Штип и Гостивар, спроведено во 2013 година во рамките на Програмата на Европската Унија во Македонија за одржлив систем за континуирано образование за принципите за заштита на личните податоци.
Извештајот покажува дека 87 отсто од испитаниците наставници не посетувале обуки од областа на заштитата на личните податоци и правото на приватност. Многу мал дел од нив, само 4.7 проценти посетувале обуки кои биле реализирани од Дирекцијата за заштита на личните податоци, општините и од невладиниот сектор (Метаморфозис, Кликни безбедно, Microsoft, TAIEX, Тулкид, Вебквест). Нискиот процент на наставници кои посетувале обуки е една од главните причини за нивната недоволна информираност за имплементацијата и примената на правото на приватност, и за зголемената можност за повреда на тоа право.
Табела 6. Приказ на мислењето на испитаниците за потребата од подетално запознавање со правото на приватност и заштита на личните податоци од Извештај за состојбата во основното и средното образование
Сепак, според извештајот, 72.6 проценти од наставниците разговарале со своите ученици за можните опасности од неовластено откривање и злоупотреби на нивните лични податоци на социјалните мрежи. Ова значи дека голем процент од наставниците и покрај отсуството на наставни програми и содржини, ја чувствувале одговорноста да разговараат со учениците за можните злоупотреби на личните податоци и правото на приватност.
Меѓутоа, 52.4 проценти од наставниците одговориле дека само понекогаш ги читаат политиките на приватност на веб страниците. Ако знаеме дека политиките за приватност се првична алатка кон превентивно однесување на Интернет, ова води кон заклучокот дека наставниците немаат доволно познавање за важноста од заштитата на приватноста на Интернет, ниту може соодветно да едуцираат на овие теми ако нивниот пристап е „површен“.
Оттука се поставува прашањето дали е одговорноста кај наставниците наметната заради прашањата што ги поставуваат учениците од оваа област или едноставно постои развиено чувство за етика и професионализам кај дел од наставниот кадар. Се наметнува и дилемата дали наставниците правилно ги информираат учениците и какви одговори и насоки им даваат, ако претходно одговориле во истражувањето дека воопшто не посетиле никаква обука, ниту е предвидена едукација на наставниот кадар за развој на ИКТ образование во стратегиските планови на надлежните институции.
Една од најважните констатации, според извештајот, е дека најдобриот начин за подигнување на свеста за правата и обврските за заштитата на приватноста и личните податоци и за безбедното користење на Интернетот, е континуирана обука на наставниците и воведување на содржини во наставните програми. Дури 86 проценти од наставниците сметаат дека постои потреба од подетално запознавање со содржини од областа на правото на приватност и заштитата на личните податоци, како теми од „новото време“. Мнозинството од наставниците (72.6%) изјавиле и дека имаат потреба од програма и „алатки“ со кои на правилен начин ќе ги едуцираат учениците за правото на заштита на личните податоци.
Табела 7. Приказ на мислењето на испитаниците за потребата од подетално запознавање со правото на приватност и заштита на личните податоци од Извештај за состојбата во основното и средното образование
Заштитата на личните податоци како дел од образованието
Има низа примери на земји во Европската Унија коишто образовните системи ги адаптираат на тековните состојби по однос на прашањата за приватност, сајбер насилство и како да се заштитат децата на интернет. Таков е случајот со Словачка, кадешто во согласност со Националната стратегија и план за образование за човекови права (2005–2014), основите на заштитата на личните податоци се вградени во наставната програма за предметот Етика. Во Италија правото на заштита на личните податоци е вградено како тематска единица во рамките на предметот Граѓанство и устав. Во Полска заштитата на личните податоци е дел од наставната материја на повеќе наставни предмети кои ја проучуваат од различен аспект.
Активностите на Дирекцијата за заштита на личните податоци за едукација на наставници во 2013 година резултираа со печатење на Прирачник за наставници за основно и средно образование, Прирачникот е помошно дидактичко средство кое содржи основни препораки и примери за разработка на наставен час и за едукација на целните групи вклучени во образовниот процес. Прирачникот треба да претставува почеток на процесот за изработка и на други материјали и содржини, а пред сè за развивање на свеста дека доколку постојат едуцирани наставници кои ќе ги имаат „вистинските“ одговори, ќе може да се одговори соодветно на сите стратегиски планови и програми. До тогаш сè ќе остане само на хартија и хиперлинкови.
Потребни се системски реформи
Заштитата на личните податоци и правото на приватноста не е прашање кое треба да го решава само една институција. За него има потреба од системски издржани и адекватни реформи и дополнувања на наставните содржини, но пред сè, развивање на програми за континуирана едукација на наставен кадар со што ќе може ефективно да се употребува ИКТ во образованието.
Концептот на заштита на личните податоци и правото на приватност треба да почне да се применува во севкупната настава преку измени и дополнување на цели наставни содржини. Со креирање на интерактивни и партиципативни модели за едукација на сите целни групи вклучени во образовниот процес: деца, родители и наставници, ќе се поттикне и развојот на дигитализираното образование.
Не смее да има дигитализирано образование пред да има програмска и системска едукација на наставниците, кои на тој начин успешно ќе ја владеат материјата и ќе можат да одговорат на предизвиците на дигиталното време, но и на инвентивните прашања од учениците.
За да се потврди успешноста на дигитализацијата, како нова методологија на учење во образовниот процес, треба да се прават истражувања, студии и анализи за ефектите и ефикасноста на употребата на дигиталните алатки во образованието, коишто сега речиси и ги нема во Македонија.
На крај, додека се направат потребните промени во образовниот систем, родителите треба и можат самите да се информираат и едуцираат за заштитата на приватноста и личните податоци на децата на интернет.
Лилјана Пецова-Илиеска
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.