Во рамки на фестивалот за мали фикции „Друга приказна“ кој од 28 до 30 јуни ќе се одржи во Паркот на франкофонијата во Скопје, е најавено одржување на две работилници. Првата работилница е за пара вести, форма која одамна е популарна во светот, додека втората е ќе биде посветена на неколку алтернативни, експериментални и игриви начини на креативно пишување.
Целта на работилницата за пара вести е учесниците да се запознаат со различните аспекти оваа сатирична, паракнижевна форма – хумористичната, забавната, но и активистичката страна на пара вестите. На работилницата, која ќе ја води Иван Шопов, учесниците ќе бидат запознаени со најзначајните примери на пара вести од светот, регионот и од Македонија, а потоа и самите ќе пишуваат пара вести.
Работилницата за пара вести ќе се одржи на 29 јуни, во ГЕМ Клуб (Стара чаршија, над Менада), во 15 часот.
Втората работилница, Книжевноста како игра, ќе биде насочена кон колективно создавање книжевен текст преку надреалистичка игра (т.н. прекрасен труп), пишување со cut up техника – сечкање зборови од некнижевни текстови и нивно комбинирање во книжевна форма, како и други начини на креативно пишување преку игра. Учесниците ќе бидат запознаени со основите на овие книжевни техники и начини за пишување, а потоа и самите ќе учествуваат во пишување „прекрасен труп“ и cut up текстови.
Оваа работилница ќе ја водат Никола Гелевски, Драган Протиќ и Владимир Лукаш, а ќе се одржи на 30 јуни, во ГЕМ Клуб, во 15 часот.
Заинтересираните за учество на двете работилници можат да се пријават на мејлот drugaprikazna@gmail.com и треба да ги испратат контакт информации: Име и презиме, возраст и телефонски број. Рокот за пријавување е 27 јуни.