Да се биде „баскер“ е тешко, но потешко е да се биде нечиј роб, имајќи секојдневна, здодевна работа, што ја ограничува креативноста и слободата, сметаат дел од уличните уметници кои настапуваат на 11. издание на „Баскерфест“. Дојдени од целиот свет, во изминативе десет дена тие ја забавуваа скопската публика со нивната магија, а во наредните денови караванот продолжува и низ останатите градови на Македонија.
За животот на улица, велат дека е полн со предизвици, но и најдобар учител. Она што најмногу им се допаѓа во уличната уметност е слободата и блискоста со публиката, а најголема награда за нив претставува аплаузот. Сепак, како што нагласија повеќето, не е на одмет луѓето да „го отворат ќесето“ и да дадат по некоја паричка.
Радио МОФ зборуваше со дел од уметниците пред нивните настапи, а ова се нивните приказни:
„Јас сум Диого, од Бразил, и ова ми е четврта година како доаѓам во Македонија. Баскерџија сум веќе 20 години. Оваа професија ми дава целосна слобода и затоа избрав ваков начин на живот. Ако изберам друга работа, мислам дека не би бил среќен, како што сум сега“, вели овој уличен уметник, кој шест месеци оди по фестивали, а останатиот дел од годината го подготвува своето шоу, за следните шест месеци.
„Луѓето овде се одлични, иако не се навикнати да даваат пари по шоуто. Но, тоа не е проблем, барем ги учиме децата на нешто. Мојот син сака да биде баскер и се надевам дека за 20 години, кога тој ќе дојде да настапува, тоа ќе биде пред децата на оние пред кои јас настапував“, објаснува Диого и низ смеа додава:
„Јас целосно го поддржувам мојот син да стане баскер. Му реков – Можеш да го оставиш училиштето и да дојдеш на улица, бидејќи јас сум против сегашниот образовен систем, но мајка му сакаше да ме убие“.
Диого вели дека огромната разлика што ја забележал годинава во Скопје се зградите, кои ги има сè повеќе. За луѓето, пак, смета дека ги има сè помалку.
„Живеам во Берлин и ова е трет пат што сум во Скопје. Ја сакам публиката, имам пријатели и е убаво да се доаѓа овде“, вели една од поретките улични уметници на „Баскерфест“ годинава Мијако Мими, со потекло од Јапонија. Нејзината точка е танцување, користејќи оган и меури од сапуница.
„Отсекогаш сакав да патувам, но да имам и врска со луѓето, да стекнам искуство и да запознавам нови места, така што ова е совршен начин да го правам тоа“, објаснува Мими.
„Кога не сум на фестивал, масирам и шетам кучиња, а сè додека не најдам совршен партнер, ќе танцувам сама“, додава таа.
„Јас и мојата девојка и партнерка Александра Колчанова, настапуваме под името „Мајсторот и Маргарита“, по книгата на Михаил Булгаков. Имаме шоу со оган, кое претставува еден вид на кабаре шоу. Вметнавме доста комедија, интерактивни костими, за да ја разбиеме мотонијата“, ни објасни Марко Дражиќ.
Неговиот прв „баскер“ настап бил во 2010 година, токму во Скопје, кога како што вели, ја открил убавината на уличниот живот.
„Полека почнав да ги барам тие фестивали по интернет, за подобро да се запознаам со нив и сè повеќе ми се допаѓаше тоа настапување на улица, отколку на сцена. Јас повеќе ја сакам улицата бидејќи настапот може да дозволи многу импровизација, додека на сцената тоа е доста ограничено. Претставува предизвик, бидејќи луѓето се на метар од нас и може да се види според нивниот израз на лице дали им се допаѓа точката, или не. Многу повеќе значи кога ќе се слушне аплуаз на улица“, вели Дражиќ.
Тој и неговата девојка се одлучни во тоа дека нема да се откажат брзо од животот на улица.
„На улица може да се стекне огромно искуство, и тоа ни помага во нашата работа, бидејќи нè опушта и некои интересни работи што ќе видиме на улица можеме да ги искористиме во нашиот настап. Така што, мислам дека нема наскоро да почнам со обична работа, ова ќе биде мојата професија додека ме држи телото“, подвлече Дражиќ.
„Обичниот живот за мене беше премногу здодевен, стресен и тежок. Порано, имав помали шоуа, и откако ќе завршев сите се радуваа, додека на работа морав да се правдам цело време. Тоа е различно чувство, јас навистина уживам во ваквиот начин на живот“, вели младиот танчер и жонглер од Шпанија, кој на „Баскерфест“ се претставува како „Муј мој“.
Во циркусот е активен 14 години, а веќе десет години патува низ светот, посетувајќи голем број држави и фестивали, како во пустината Сахара, Индија, Бразил, Патагонија, Антартикот. Во слободно време, пак, работи повеќе менаџерска работа, промовирајќи го своето шоу на социјалните мрежи, преговарајќи со организатори на фестивали и подготвувајќи лого и постер за својата точка.
„Мислам дека е потешко да се биде келнер. Вака, јас сум си сам свој газда и ако не работам , компанијата ќе се распадне. Поради тоа, не смеам да престанам со работа“, вели Мој, чии следни дестинации му се Германија, Австрија, Франција и Мајами.
Уште еден пар на фестивалот се Котѕани и Венди од Буенос Аирес, Аргентина, кои по вторпат доаѓаат на „Баскерфест“. Нивното шоу вклучува фрлање со ножеви, камшик и оган, а она што го прави успешно, според нив, се интензивните подготовки и довербата што ја има меѓу нив.
„Пред многу години, како прва работа имав да правам трикови на семафори. Со Котѕани се запознавме за време на перформанс во театар, кога ми раскажуваше дека вежба да фрла со ножеви, а јас му велев дека сакам да го правам тоа, и не ми поверува. На крај, се здруживме и веќе две години настапуваме заедно“, ни раскажа Венди.
Котѕани, меѓудругото, нагласи дека улицата е слободата која им е потребна на уметниците и публиката.
„Важно е луѓето да знаат дека и на улица може да се видат одлични работи. Фрлањето ножеви, камшикот, се традицонални изведби од циркусот кои се губат, бидејќи многу деца не патуваат, играат само видеоигри и никогаш нема да посетат циркус“, рече Котѕани.
Акробатското дуо од Канада, The Brostreets, изминативе денови имаше одличен циркуски настап на плоштадот во Скопје. Нив ги знаат како „Големиот“ и „Малиот“, а причината лесно може да се препознае од фотографијата погоре.
„Ја одбрав работата на улица бидејќи ја сакам близината на публиката, тоа е сосема различно од настап на сцена. Мене ми е потребен адреналинот и блискиот контакт со луѓето, и да ја слушам нивната смеа и возбуда“, вели „Големиот“, кој додаде дека останатиот дел од нивната професија е пишување мејлови и договарање следни фестивали.
„Луѓето тоа не го гледаат, но е 80 отсто од нашата работа“, посочи „Големиот“.
Скромен во зборови, но доста богат кога станува збор за неговото шоу е и Габриел, кој на „Баскерфест“ настапува како „Мистер Бужиганга“. Тој е од Бразил и неговата точка се состои од магични трикови.
„За мене, оваа професија е одлична комбинација за да ги направам луѓето посреќни и да патувам низ светот, да запознавам различни култури, и да запознавам различни луѓе, што е навистина одлично. Секако, ако го сакате она што го работите, ќе уживате“, рече Габриел.
По македонската публика, следни се германската, австриската, полската и ирската.
„Јас создавам магија, музика и сум кловн“, вака ни се опиша Пача, кој изминативе денови беше омилен лик на најмладата публика. Според него, најверојатно талентот дошол од неговите родители, кои, исто така, се кловнови.
„Мислам дека е нормално да си израснат околу кловнови. Пораснав гледајќи ги нивните перформанси, а повремено добивав и по два-три шамари“, се шегува Пача.
Причината поради којашто е најомилен кај децата, веројатно се должи на тоа што кога не е по фестивали, тој е воспитувач во градинка.
„Тешко е да имаш работа каде се чувствуваш како роб. Овие шоуа се тешки, но мислам дека сум среќен што имам ваква професија“, вели Пача.
И тој, како и останатите, по настапот во Македонија, ќе продолжи да го обиколува светот.
Ветеранот меѓу годинешните уметници на „Баскерфест“ е Ким Потер од Нов Зеланд, или попознат за светската јавност како ликот Вајнл Бурнс.
„Секоја нација и култура е различна, но сите сакаат да се смеат и сите сакаат да се забавуваат, а повеќето од луѓето не виделе ваков тип на фестивал. Голем дел од луѓето ретко гледаат магични трикови, акробации, жонглирање и други работи типични за циркусот, така што ова е шанса за сите да дојдат и да ги видат сите тие вештини и шоуа“, смета Потер.
За него, најголема чест и почит е кога луѓето ќе го посетат неговиот перформанс и ќе се расположат.
„Убавината на уличната уметност е тоа што го правиме надвор. Одиме некаде, се поставуваме и ги изненадуваме луѓето. Тие не мора да очекуваат ништо“, вели Потер.
Покрај циркусот, тој е музичар и текстописец. Со неговиот лик на Вајнл Бурнс прави кратки филмови и скечови.
„Оваа професија е како еден вид на дрога и е одличен животен стил. Можете да патувате низ целиот свет, да зпаознавате одлични луѓе и да ги правете среќни, тоа е одличен начин за заработка. Не секогаш е така, но како и во секоја друга работа, постојат подеми и падови, рече Потер.
Емилија Петреска