Вечерва со почеток во 20 часот во Кино Култура, ќе се одржи отворена дебата на тема: „Пропаганда – новиот јазик на медиумскиот спектакл“. Ова е последна од циклусот дебати „Про-книжи го умот“ на новинарката Ана Јовковска и Делегацијата на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје.
„Суштината на доброто новинарство е совеста. Веќе не зборуваме за да кажеме нешто, туку за да постигнеме одреден ефект. Сите сме еднакви, но некои од нас се поеднакви. Ова се само мал дел од предупредувањата на извонредните автори Џорџ Орвел и Олдоус Хаксли од нивните култни книжевни дела „Животинска фарма“, „1984“, „Храбриот нов свет“, „Остров“ и други, а кои се тема на обработка на последниот настан од циклусот дебати на проектот „Про-книжи го умот“, се вели во поканата за настанот.
Како изненадување, говорниците ќе се дознаат за време на настанот. По дискусијата, како што информираат организаторите, ќе следува дружба и дегустација на англиски производи, според потеклото на авторите во фокус, Орвел и Хаксли. Влезот е бесплатен.