[Видео] Студентски избори на УКИМ: слаба излезеност и без паравани на гласачки места

Речиси празни се факултетските аули каде денеска се одржуваат изборите за претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Излезеноста е минимална, а на повеќето факултети се забележува и недостиг од паравани за гласање, со што се оневозможува самиот изборен процес.

На факултетите се забележуваат и претставници на Студентскиот пленум, кои за денеска најавија активен бојкот на изборите. Пред неколку минути, на Правниот факултет сакаше да гласа и сегашниот претседател на СПУКМ со изминат мандат Кирил Спировски, но поради немање на параван каде тајно ќе може да гласа, се откажа, информира репортерот на Радио МОФ.

Засега атмосферата на останатите факултети е мирна. На Факултетот за електротехника и информациски технологии — ФЕИТ гласаат студентите од матичниот факултет и од Машинскиот, додека на Технолошко-металуршкиот факултет гласаат студентите и од ФИНКИ.

Техничко-металуршки факултет

Технолошко-металуршки факултет

ФЕИТ

ФЕИТ

Атмосферата од гласањето на овие факултети, може да ја погледнете во видеата на Радио МОФ:

Слична атмосфера има и на Економскиот и Филолошко/Филозофскиот факултет.

Филолошки

Филолошки/Филозофски факултет

Економски

Економски факултет

На 23 факултети од скопскиот универзитет се поставени изборни кутии, во кои студентите треба да го остават својот за глас за еден од двајцата пријавени кандидати за позицијата претседател на Студентскиот парламент на УКИМ.

Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти е едниот кандидат, додека неговиот конкурент е Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.

Репортерите на Радио МОФ активно ќе ги следат студентските избори, а најинтересните моменти ќе може да ги проследете преку нашите прилози и видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.