Нема да има нови избори за претседател на Студентскиот парламент на УКИМ, а ќе се формира комисија што ќе испитува што се случи за време на изборите за студентски лидер одржани на 30 јуни, годинава.
Ова е одлучено на вонредниот состанок денеска на Ректорска управа на УКИМ, каде изборите беа оценети како скандалозни.
Сепак, идејата на професорот Борче Давитковски да се распишат нови избори во септември беше одбиена со објаснување дека за тоа нема правни можности. Давитковски ја напушти седницата со изјавата дека ако некој сака проблемот никогаш да не биде решен, формира комисија.
За време на вонредната седница свои излагања имаа претставници на СПУКМ и Студентски пленум, правобранителката Васка Бојаџи, стариот и новиот ректор, сенаторите.
Изборите за студентски лидер Управата ги окаректизира како скандалозни. Во текот на изборите беше забележано крадење на избирачките кутии, имаше проблеми со броењето гласови, а вечерта заврши со протест на студенти пред СПУКМ и масовно присусттво на специјални полициски единици. СПУКМ сепак ги оцени изборите како фер и демократски.