Премали хонорари, неплатена и предолга волонтерска работа, работни викенади и празници, премалку слободно време, „невидлива работа“ на состаноци, патувања и ручеци, се само дел од проблемите со кои се соочуваат културните работници во Македонија.
На синоќешното предавање-перформанс „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“, Биљана Тануровска Ќулавковски и Ивана Васева преку креативен израз зборуваа за пречките со кои се соочуваат културните работници во работата, а се регулирани со Законот за култура.
„Иако работам од 90-тите, вчера проверив, имам само пет години, два месеци и 14 дена стаж. Сигурно е некоја грешка, си мислам, а можеби и не е, затоа што како слободен културен работник добиваш онолку стаж колку што ќе можеш да си платиш доколку имаш средства, а тие средства не е лесно да ги најдеш. Мислам дека некаде околку 30-тина години ќе ми требаат за да изработам нешто што се нарекува комплетен стаж“, вели Ќулавковски Тануровска. Додава и дека со семејните обврски, таа мора да го позајмува слободното време од семејството и најблиските, за да може непречено да работи.
Додаваат и дека за да можат да ја вршат својата работа им се потребни материјали, но повеќето книги кои им се потребни кај нас не се ниту преведени. Дел од работата, вели Тануркова, е и да патуваат и гледаат перформанси, бидејќи тој дел од работата не смее да се запостави, но самите плаќаат за него од свој џеб.
„Според моја проценка, за да можам да го купам моето слободно време за 11 месеци, се потребни 15000 евра“, проценува таа во „извештајот“, дел од презентацијата.
Васева вели дека за да може да работи, како и на секој друг, и е потребен одмор, но таа нема време за тоа.
„Одам во канцеларија за да работам, а потоа работам од дома за да не губам време да одам во канцеларија. Не јадам се додека не завршам се што ми е во план. Најчесто ручеците ми се работни, т.е. спојувам состанок и ручек за да не губам време од работата“, додава Васева.
На перформансот, освен што ги презентираа индивидуалните проблеми и недостатоци на културните уметници во Македонија поради лошо уредениот закон, ги разгледаа и најголемите проблеми на сцената во во делот на кураторството и програмското уредување, критиката, продукцијата и менаџментот на културните настани.
Она што е потребно е културна и уметничка „екологија за создавање“, сметаат тие. Ја критикуваат политиката на отворање нови сцени, а отежнување на работата на веќе постоечките.
Презентацијата-перформанс произлезе од иницијативата „Работнички права на културните работници – Позиција на културните работници во независната културна сцена во Македонија“, која се подготвуваше во изминативе неколку месеци, во работни групи во кои учествуваа повеќе актери, музичари и други културни работници од земјава. Перформансот е драматуршки разработен од Ќулавковски Тануровска и Васева, во соработка со словенечкиот теоретичар и драматург Рок Вевар.
Како дел од перформансот, авторките од публиката побараа и да придонесат во пишувањето „детали“ од нивниот нареден проект, а ги поделија и своите CV-а на публиката.
Целта на оваа иницијатива е од позицијата на учесници во независната културна сцена да се преиспита терминот културен работник – слободен уметник и стручњак за култура, односно да се дадат предлози за негово редефинирање во правилниците и Законот за култура.