Промоцијата на поетската збирка на израелската поетеса Хава Пинхас Коен „Песните на Орфеја“ ќе се одржи во недела (10 јули), во кафе-книжарницата „Магор“. На промоцијата ќе биде присутна и авторката, која ќе допатува од Израел.
Творештвото на Хава Пинхас Коен главно е поттикнато и предизвикано од парадоксалната и неизбежна врска помеѓу љубовта и смртта, како две интензивни гранични искуства. Тематско-мотивскиот комплекс Ерос-Танатос нагласено ја бои поезијата на Хава Пинхас Коен, особено по прераната смрт на нејзиниот сакан сопруг Јоси, во 1999 година. Отаде, една од нејзините книги, според која е насловен и овој поетски избор на македонски јазик, е наречена токму „Песните на Орфеја“ – низ кои провејуваат навистина потресни (но, не и патетично пренасилени) лирски сведоштва за нерамноправната битка со смртта, што ја води лирскиот субјект во непомирливите обиди одново да го истргне и да го врати од смртта својот сакан маж.
Лирското писмо на Хава Пинхас Коен останува навистина животворно, будно отворено, приемчиво и расположено кон облиците на страста, кон еротизмот како дополнителен признак и посветеност кон животот како сетилна гозба и асоцијативно патување – аџилак. Хава Пинхас Коен не се расфрла со зборовите и со нив постапува економично, оти воопшто не игра на картата на реторичкото изобилство. Приоритетот на овие песни лежи другаде – во смелиот мегдан со егзистенцијалните суштини и граничните искуства, што претставуваат универзален клуч и онтолошки предназначен предизвик на секој човек и секоја жена.
Хава Пинхас Коен е авторка на осум книги поезија и добитничка на повеќе престижни национални награди за поезија, професорка по литература и уметност, основачка и главна уредничка на литературното списание „Димуи“ (од 1990 година), како и уметничка директорка на поетскиот фестивал „Кисуфим“ , преведувачка и колумнистка.
Промотор е Елизабета Шелева, која е и преведувач на изданието, а свое обраќање на промоцијата ќе има и амбасадорот на Израел, Н.Е. Дан Оријан. Настанот започнува во 20 часот.