Постоечката западно-балканска лидерска шесторка не гледа ниту еден чекор понатаму од задоволувањето на своите лични и партиски интереси. За нив младите претставуваат само инструмент. И тоа го знаат и младите, пишува Митко Арнаудов – Докторант на Факултет за политички науки во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Драмски перформанс. Едносмерен, но двострук. Од Брисел кон лидерите на западно-балканските држави-кандидатки, и од нив па се до граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора. Само така наједноставно може да се опише резултатот од овој самит. Состанокот помеѓу Европската унија и државите-кандидатки од западен Балкан, кој се одржа во Париз, отвора многу интересни прашања. Дали ова претставуваше еден очаен обид на ЕУ да ја покаже својата моќ и покрај резултатите на референдумот во Обединетото Кралство или само формално задоволување на „хибридните“ медиумско-популистички апетити на западно-балканската лидерска шесторка? Зарем навистина Брисел верува во компензацијата на Обединетото Кралство за западен Балкан? Или тоа само ние така го гледаме од наш агол? Како и да е, медиумите во нашиот регион ги пополнија своите насловни страници со веста за формирање на регионална канцеларија за соработка помеѓу младите! И тоа го сервираа како огромен успех. Во такви ситуации, едноставно, човек останува без зборови.
Само да се потсетиме на некои факти: Албанија и Косово се гушат во корупцијата на сите нивоа во општествениот и јавниот сектор; Црна Гора ја замени парламентарната дебата со улични тепачки; Босна и Херцеговина се уште не може да се одлучи дали ќе постои како држава или не; Србија се почесто се соочува со масовни анти-владини протести; додека Македонија трепери во внатрешните политички турбуленции и преврати. И во такви, некои слободно би ги нарекле егзистенцијални моменти, ние се задоволуваме со регионална канцеларија за млади!? Зарем навистина треба да веруваме дека младите од западно-балканскиот регион ќе учествуваат во процесот на забрзување на нашите европски интеграции? Зарем верувате дека лидерите, кои го потпишаа договорот за формирање на канцеларија, ќе ги отстапат своите места на младите?
Постоечката западно-балканска лидерска шесторка не гледа ниту еден чекор понатаму од задоволувањето на своите лични и партиски интереси. За нив младите претставуваат само инструмент. И тоа го знаат и младите. Патем, кај нас младите не успеваат да заменат ниту еден министер за образование, и покрај сите евидентни пропусти, а да не зборуваме од агол да станат генератори на евро-интегративниот процес. Не дека не се способни, туку одговорот лежи во нивната исклученост, тотална маргинализираност. Кај нас младите кои се сметаат за политички вклучени, претставуваат само статисти во екстремната партиска машинерија која наједноставно речено ги искористува како „лепачи на изборен рекламен материјал“. И тоа е идентично во секоја горенаведена држава. Младите се свесни за тоа, но исклучително тешките економски услови ги принудуваат на истото. Од суштинската политичката активност на младите во западно-балканскиот регион остана само познатата реченица на другарот Тито: „младите се секогаш во право“!
Да се вратиме повторно на самитот во Париз. Формирањето на регионалната канцеларија е добра иницијатива, но тоа е далеку од фактичкото придвижување на работите напред и забрзување кон нашата европска врата.
Стагнацијата на западен Балкан од ден на ден се почесто се воочува како назадување. Плус, објективно гледано, таканаречениот БРЕКЗИТ никако не ни оди во прилог. Европската унија во наредниот период ќе биде фокусирана кон престројување на своите внатрешни редови. Тие се свесни дека последиците од британскиот референдум ќе „испливуваат“ на површина. Само нашите политички „делитанти“ сметаат дека британското излегување претставува идеална прилика за нас. А така мислат затоа што ниту умеат да разберат што е европска тековина и вредност, ниту имаат интерес (личен или политички) да разберат. Во такви услови, штотуку завршениот самит во Париз можеме слободно да го дефинираме како уште една прилика за фотографирање, вештачки насмевки и не празни, туку непостоечки ветувања.
И да ја завршиме мислата со значајот на формирањето на регионалната канцеларија за соработка помеѓу младите. Во текот на нејзиното постоење ќе видиме многу средби, состаноци, заеднички платформи, заеднички стратегии, дипломатски приеми и слично. Но следното прашање останува неодговорено: Кој ќе ја води оваа канцеларија ако и понатаму продолжи трендот на масовно иселување на младите или модерно кажано „одливање на мозоци“ од веќе споменатите држави? Можеби и нејзиното водење ќе го превземат лидерите кои го потпишаа договорот за формирање? И така не се многу стари, сепак политички „исцедени“, но со Титовата идеа за доживотно владеење…