Од организирањето на првите пленуми, тајните состаноци, под закани и уценувања и сè до моментот кога студентите под логото на пленумот се слушнаа повеќе од кога било, медиумите имаа резерви за оваа иницијатива. Сепак, нивните активности ги следеа, независно од уредничката политика, а дури имало и медиуми што ги тргнаа нивните идентификациски логоа бидејќи така ќе се знаеше дека дошле со тенденција само да ги следат нивните активности. Меѓутоа, независно од таквиот однос на дел од медиумите, студентите формираа добра структура која воспостави односи со новинарите, како во сферата на професионалната соработка, така и во сферата на конзервирање на информациите и дистанцирање од медиумите што имаа непрофесионални цели.
Бојкотот, автономната зона и протестите беа три периоди во кои студентите станаа познати, но независно од ова, тие секогаш беа осудени од еден дел од јавноста дека не се легитимни и дека немаат право да побараат нешто зашто не ја имале поддршката на студентите. Првите што обвинуваа беа Министерството за образование, потоа самиот Ректорат на УКИМ и, сосема на крај, и мегафоните на власта и студентите со партиски книшки. Горе-долу, се дискутираше многу, но студентите ја имаа сработено својата платформа и односите со јавноста ги засилија толку многу, што на одредени периоди станаа неизбежен дел од телевизиските дневници.
Во зависност од тоа како се сервираше нивната активност по медиумите, јавноста можеше да има и сомнежи за нивната заднина, меѓутоа студентското организирање се докажа отворено.
Медиумите не застанаа ни тука. Дел од нив, преку говорот на омраза, епитетите и етикетирањата на студентите, друг дел бојкотирајќи секоја активност, додека еден дел пропагирајќи против нив, односно ловејќи моменти што не се совпаѓаа со актуелните настани, давајќи им негативна контотација заради уривање на угледот на „Студентски пленум“.
Како сведоци на тоа, неизбежно е да се рече дека одредени медиуми за време на студентските организирања известуваа против нивната агенда, односно кога имало соопштение за протести или некое нивно организирање не соопштувале, а одредени медиуми во последните моменти известувале дека споменатата активност се откажала или се одложила за неодредено време. Не е за чудење фактот што таквите медиуми имаа тенденција и да направат раздор кај студентите. Има доста факти и докази каде што овие медиуми интервјуирале студенти кои не биле дел од „Студентски пленум“, а потоа истите ставови ги пренеле известувајќи дека во пленумот постои несогласување околу нивните идеи.
Студентските избори и начинот на кој тие се реализираа му дадоа уште повеќе вредност на студентскиот глас. За среќа, многу медиуми овојпат беа повнимателни од кога било. Не треба да се занемари фактот дека изборите се надгледуваа многу внимателно, дури и послободно од секогаш, камерите овојпат имаа пристап до секоја просторија каде што се одвиваше процесот.
Кога сме кај изборите, пред јавноста излезе на видело и Студентскиот парламент при Универзитетот „Свети Кирил и Методи“. Ова, всушност, беше другата страна на веста, во хрониките за изборите за претседател на Студентскиот парламент, но и за изборите за Ректор на УКИМ. Битката не се концентрираше на тоа кој ќе го земе водството на Парламентот, туку борбата на „Студентски пленум“ се концентрираше во откривање на луѓето што го злоупотребиле во секоја форма овој студентски орган, дури и кога веќе две години биле нелегитимни поради неодржување на изборите.
Не сакајќи да бидам разбран погрешно дека фаворизирам една или друга страна, би го ставил прстот на коректноста кај „Студентски пленум“ и кај нивната подготвеност за транспарентност и за отвореност кон медиумите. Новинарите секогаш имале можност слободно да поставуваат прашања кон секој член на пленумот, а, од друга страна, сосема се менува „есапот“ кај структурата на Студентскиот парламент, каде сè одело по хиерархиски начин. На првото појавување, досегашниот претседател на парламентот беше прашан од новинарите во врска со последните активности, околу студиската програма и агендата на парламентот, но единствениот одговор што го добија новинарите беше: „Обратете се писмено за сè што ве интересира“. За разлика од нив, пленумот функционирал и функционира со портпароли и со повеќе студенти – членови, што се подготвени во секој момент да се изјаснат за медиумите.
Кога станува збор за надгледување на пристапот и на односот кон медиумите, очигледна е и сериозноста на говорниците пред новинарите или објективот на камерата. Во овој контекст, имаме два екстреми од овие две страни. Од една страна, членовите на пленумот секогаш се појавуваат сериозни и артикулирани пред меиумите, независно од тоа што беа концентрирани на нивните активности и работеа многу во нивното ширење, додека од другата страна, неколку лица идентификувани како СПУКМ, за време на изборниот процес, на пример, се смееја и иронизираа со новинарите во нивните директни прашања. Судејќи како новинари, пред камерите секогаш е многу важен ставот и сериозноста што соговорниците го покажуваат кон предметот и настанот!
Не би било лесно едно резиме дека „Студентстки пленум“ веќе е легитимиран од медиумите. Но, игнорирањето што му го направија институциите се врати како бумеранг преку уште поголемиот интерес од медиумите за пленумот. Навредите што ги направија нивните колеги и одредени медиуми, беа основа за вест. Заканите што беа насочени кон пленумот беа сила за една нова ера во медиумите, кога првпат студентите добиваат уште повеќе важност од другите настани во изданијата на вестите и се искачуваат на прво место на списоците на уредничките агенди. По ова, нема потреба од теорија на комуникација за да се разбере дека пленумот се легитимира. Благодарение на начинот на неговото дејствување, но и благодарение на дел од медиумите и на јавниот интерес!
Пишува: Адриан Керими
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).