Иницијативата „Чист Охрид“ викендов ја одржа својата 13 акција, во која волонтерите ја чистеа тревната површина над плажата Немо, која автомобилите ја користат како паркиралиште и никој не внимава каде го остава отпадот. Од иницијативата посочуваат проблемот го влошува и недостигот од канти за отпадоци на овој простор.
„На локацијата беа собрани 7 вреќи најразличен отпад, меѓу кои најбројни беа пластичните шишиња и влажните марамчиња, но и презервативите, што сметаме дека е алармантно од аспект на ризиците по здравјето кои може да ги донесе ваквиот вид отпад доколку не е соодветно складиран“, велат од иницијативата.
Тие апелираат до надлежното комунално претпријатие активно да се вклучи во чистење на овој дел.
„Охрид е најпознатата туристичка дестинација во Македонија а имиџот кој го оставаме создава лош впечаток кај туристите, и непријатно чувство кое го носат со себе во нивните матични земји. Да размислуваме долгорочно, за природата и нашата иднина! За убав и чист Охрид,“ додаваат од „Чист Охрид“.