Среде лето со затворени прозорци – смрди воздухот во Аеродром

„Недела… 7 часот наутро… Смрди луѓе“. „Гази Баба и Лисиче `си газат` со загадувањето“. „Гласаме Скопје да се преименува во Смогје! Ова е срамота!“

Вакви се реакциите на социјалните мрежи, во групите кои алармираат за аерозагадувањето што ни среде лето, кога градот е полу-празен, не ги поштеди граѓаните. Најгласни се жителите од Општината Аеродром, кои постојано алармираат за состојбите со загадувањето.

„Jас мислам дека и “грозно” e мал збор да се објасни што се случува во нашава општина летово. Мислевме дека доаѓаат топли денови без магла и дека конечно ќе можеме малку да дишеме но измамени сме како никогаш досега. Сите активности кои беа повеќе актуелни зимава беа крајно несериозно сфатени од страна на одговорните институции за овој проблем. Секој ден имаме концентрација на ПМ 10 честички над 200, а има и денови кога се дуплира бројкава. Сите дишеме ист воздух, а очигледно е дека субјективниот профит ја засенува и грижата за сопственото здравје и здравјето на саканите“, вели Мерима Кондов, жителка на Аеродром и дел од иницијативата „Скопје смог аларм“.

Вчера попладне во Гази Баба, општината која од Аеродром е одделена со реката Вардар, беа измерени концентрации и до 550 микрограми на метар кубен ПМ10 честички во воздухот, или 11 пати повеќе од дозволеното. И мерната станица во Лисиче во попладневните и вечерни часови забележа концентрации неколкупати повисоки од дозволените.

Неделен приказ

Неделен приказ

Месечен приказ

Граѓаните на социјалните мрежи реагираат објавувајќи фотографии на кои се гледаат облаци од чад, најчесто сликани од висококатниците во Аеродром кои гледаат кон Вардар, или кон Гази Баба.

Фото ФБ/Spomenka Todorovska-joksic‎СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ - " ВОЗДУХ СЕГА!

Фото ФБ/‎СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ – ” ВОЗДУХ СЕГА!

Фото ФБ/‎СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ - " ВОЗДУХ СЕГА!

Фото ФБ/‎СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ – ” ВОЗДУХ СЕГА!

Од „Скопје смог аларм“ велат дека радува тоа што граѓаните стануваат свесни за проблемот, но и за лагите кои им ги сервираат институциите.

„За само неколку месеци успеавме да собереме повеќе од 10.000 граѓани засегнати од овој проблем. Тоа е и повеќе од доволен показател дека луѓето се свесни и будни. Станаа и лути и гневни во последно време зошто секогаш се обвинуваа граѓаните како загадувачи. Летово го покажа токму спротивното. Загадуваат индустриските капацитети кога никој не гледа. Во тивко и матно. Не трујат и убиваат и за жал сме свесни за тоа секој ден се повеќе и повеќе. Ако ние лажеме, оџаците не лажат, ги гледаме и фотографираме секојдневно“, вели Кондов.

Во текот на изминатите триесет дена, според податоците од мерната станица во Гази Баба, граѓаните дишеле чист воздух само шест дена, во Лисиче пак 14. Останатите денови средната дневна концентрација на ПМ 10 честици, или прашина во воздухот, ги надминува граничните 50 микрограми на метар кубен.

Од Министерството за животна средина појаснуваат дека веб страницата на нивниот сајт служи за информирање на граѓаните. Во случај на високи концентраци на штетни материи во воздухот, додаваат од Министерството, надлежни да проверат што се случува и да излезат на терен се инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина и од локалната самоуправа. Од Инспекторатот пак побараа сите прашања на темата да им ги испратиме по е-пошта, по што најавија одговор од понеделник.

Од „Скопје смог аларм“ порачуваат дека им е доста од сечење ленти и непотребни инвестиции додека луѓето секојдневно се борат со респираторни болести. Тие беа меѓу иницијаторите за протестите за воздух кои се одржуваа оваа зима, кога најавија дека ќе ги интензивираат своите активности за чист воздух во главниот град.

Ј.Ј.