Михајло Димитриевски – Тхе Мичо е еден од најпознатите илустратори и стрип-цртачи во Македонија. Има работено на голем број друштвени игри, а може да се каже дека во „борд гејм“ заедницата надвор од земјава е попознат, отколку кај нас. Негов најнов проект е последната официјална друштвена игра базирана на серијалот Game of Thrones. Во разговор со Радио МОФ, Мичо открива повеќе за неговите почетоци како илустратор на игри, ангажираната уметност и критиката кај нас, но и за своите тековни проекти.
На колку друштвени игри (board games) си работел досега? Како дојде до тоа да илустрираш токму игри?
Интернет страницата која се занимава со тоа кажува дека имам направено околу 26 игри. Нормално, таа бројка е малку поголема. Бидејќи голем дел од игрите кои ги работам не се сè уште објавени (а јас не објавувам дури официјалниот издавач не објави), а и во моментов работам на неколку. Мислам дека околу 50, плус минус, со тие што моментов ми се на маса.
Како почна да илустрираш друштвени игри?
Случајно почнав да работам со ова – пред околу три години ми пиша Шем Филипс од Garphill Games (Нов Зеланд) и човекот си побара илустрации за неговата игра „Shipwrights of the North Sea“ и ми испрати неколку примери како би сакал да изгледа. Јас се согласив и решив да пробам, бидејќи сериозно не знаев ништо за борд игрите тогаш, само дека малку би требало да ги сменам илустрациите. Го направив тоа што човекот го побара, беше пресреќен, ја објави играта на Кикстартер и беше успешно. Реакциите на луѓето кои ја видоа играта беа фантастични, проектот помина одлично и тргна возот. Можеби само половина час после појавувањето на играта на Кикстартер пример добив 10 мејлови за понуда за работа. Оттогаш, поголемиот дел од мојата работа е поврзан со изработка на илустрации за друштвени игри.
Инаку како што реков, не знаев дека оваа заедница воопшто постои, ама ете излезе дека има неколку стотици илјади кои активно се занимаваат со играње и поприлично се поврзани меѓу себе. Со еден збор – луѓе што навистина сакаат дружење и забава. А, и самата поента на друштвените игри е да си во просторија со луѓе и да комуницираш.Чудесна работа.Инаку, „фор д рекорд“, јас не играм друштвени игри, досега не сум изиграл ни една, иако ги правам и дома имам еден куп.
Новата официјална игра базирана на серијалот Game of Thrones ја илустрираше токму ти. Како дојде до соработката со авторот на играта?
Може да се каже дека е најновата официјална Game of Thrones игра, бидејќи сè уште не е објавена, а би требало да се објави околу декември. Издавач е Fantasy Flight Games, еден од најголемите, ако не и најголем издавач на вакви игри во светот (Star Wars, Lord of the Rings, Game of Thrones, Warhammer итн.). До соработка дојде малку чудно. Јас сум фан на GoT и пред некоја година спонтано на мојот Фејсбук пејџ почнав да објавувам портрети од главните ликови на серијалот, но по опис од книгите, не од серијата. Луѓе почнаа да забележуваат, и по некое време многумина ми даваа предлози кој како да се црта, меѓу кои и познаници на авторот на книгата – Џорџ Р.Р. Мартин. Како и да е, бројката на цртежите во меѓувреме се искачи до околу 500 карактери и голем дел од нив се користат на официјалните светски енциклопедии за GoT. Некаде во декември минатата година ми се јавија лугето од FFG и договоривме зделка. Мора да признам дека како за мултимилјардерска фирма беа доста коректни. Малку бев загрижен за правата околу цртежите, бидејќи „на големо“ се користат од заедницата (бесплатно за видеа,стории,клипови,документарци и слично).
Смешно беше што авторот на играта Бруно Катала (цртежите се мои, тој е автор на играта) е наводно мој фан, а јас се изрезилив со него прашувајќи го дали игра игри. Немав поим дека тој е легенда во светот на борд игрите. Сега сме пријатели, па соработката продолжува.
Кој е твојот најпрепознатлив проект? На кое свое дело си најгорд?
Па, евидентно Game of Thrones играва, бидејќи сепак сум фан и е бренд и е ќеф. После би одел на книгата од DаrkHorse –Sakai Project, каде што сум заедно (со илустрација) со буквално најдобрите светски стрип и иилустратори (Мињола, Деј Гибонс, Френк Чо, Џек Дејвис, Гуарнидо, Корбен, Паоло Ривера). За кај нас, се надевам дека ќе бидам горд на првиот македонски долгометражен цртан филм „Јон Вардар против Вселената“, кое го изработува македонското студио за анимација LYNX и на кој сум арт директор.
Имаш препознатлив и уникатен стил. Како го создаде и кои илустратори и дела имаат извршено влијание на тебе?
Тоа е занает – имам многу влијание од луќето кои претходно ги набројав, а кои ги има во книгата. Имам огромно влијание и од Cartoon Network-посебно Samurai Jack, Powerpuff Girls, Dexter’s Laboratory, The Misadventures of Flapjack и други. Особено затоа што можам да импровизирам со анатомија и минимализам, а тоа ми се наоѓа затоа шо не знам, а и ме мрзи да цртам реално. Или што би се рекло во моментов – сакам сè што сакаат и младите.
Како еден од ретките стрип-цртачи во Македонија, сметаш ли дека ваквиот уметнички израз е заборавен кај нас? Недостасува ли критика, сатира и ангажирана уметност кај нас?
Сè недостига кај нас. Ем се ретки издавачите, ем реално не им е гајле. Недостига и критика, иако по улиците и меѓу луѓето, тајно по ќошеви, ја има. Недостигаат и карикатуристи, ни фалат многу работи. Срање ни е земјава.Политичарите ни се алфа и омега. Луѓето гледаат да сврзат крај со крај – не им е дојдено до ангажираната уметност кај нас. И ги сфаќам.
Многу од твоите цртежи се посветени на филмови и серијали кои фандомите „религиозно“ ги почитуваат. Помага ли тоа за нивно популаризирање?
Не знам колку помага за популаризирање на сериите и филмовите што ги цртам, но за моето популаризирање – да. Задоволство ми е кога некогаш ќе изгледам добра серија или цртан или филм, да направам добар „фанарт“. Особено кога има добри ефекти и уметност.
Но, од друга страна, лошо е и ако правиш само фанарт – ќе те научат како таков уметник и толку. Јас моментално релативно успешно балансирам…се надевам.
Го препознава ли македонската публика ваквиот вид на неконвенционална уметност? Колку е тешко да се успее и профитира како илустратор кај нас?
Го препознава-што е супер. Гледам дека младите генераци се насочени кон филмови, стрипови и игри, така да има надеж дека и нас некогаш ќе нè биде. Но, од илустрација не се живее. Илустрација, дизајн и цепење дрва можеби, но само од цртање….ретки и среќни случаи. Околу 90 посто од мојата работа е за во странство. И релативно ми е добро, но со жал гледам што се случува околу мене и се обидувам да помогнам колку што можам, бидејќи има прекрасни таленти кај нас.
Стефанија Тенекеџиева