Секој од нас без разлика на националната припадност, барем еднаш во животот се соочил со понижување. Ќе признаете дека боли, дека повредува, дека предизвикува толкава мачнина таму некаде длабоко во душата.
Би сакала да споделам искуства и примери од мојот живот досега, а ќе започнам со моето детство. Израснав во македонско маало, со Македонци. Дотогаш никогаш не се почувствував помалку вредна од другите дечиња, ниту пак тие на било каков начин ми даваа до знаење за такво нешто. Секако дека чувствував разлика. Бојата на кожата не правеше различни, тие одеа на село кај баба и дедо, јас одев во Шутка кај баба и дедо. Јас славев Бајрам, тие Велигден… Но, сето тоа не придонесе да останам без луѓето со кои комуницирам и денес.
Сега сакам да ви наведам пример, исто заснован на моето детство за кој денес многу се смеам, зашто е тотално парадоксален.
Секогаш кога се враќавме од училиште, поминувавме близу еден маркет, а во негова близина имаше пет-шест контејнери. Секојдневно бегавме со затворени усти од “Циганите” за да не ни паднеле забите ако не погледнат… Е па, бегав и јас… Трчав толку брзо, со раката на уста, оти забите ќе ми паднеле. Слушав дека ги заплашувааа со – Ако не јадеш, ќе те дадам на „Циганката”, или – Одма дома, ќе те украде „Циганката“. Можеби поголемиот дел од вас растеле во страв од „Циганката”, ама растев и јас. Бегав дома извадена од памет, ако чичко „старо купујем“ поминеше пред зграда каде си игравме, зашто и тој кутриот можеше да те украде и да те продаде.
Кога моите родители поразговараа со мене на темава (толку колку што може да сфати седум-осум годишно дете), некои работи ми станаа појасни, но, што е сигурно, сигурно е… продолжував да бегам, и да се плашам.
И нормално, како растевме така интересите преминуваа во друга насока. Во тоа маало живеев до мојата дванаесетта година. Се преселивме во сосема различна населба од претходната, тука преовладуваше албанско население. Второто полугодие од шесто одделение го продолжив во двојазично училиште, за кое не ни знаев дека постои. Долго време ми требаше да се вклопам, како во училиште, така и во секојдневниот живот. Овде слушав дека било многу опасно, дека луѓето се шетаат со оружје, дека не смеам да останувам до доцна навечер…
Но, како поминуваа годините, така се повеќе запознавав Албанци, Босанци, Македонци… Тоа беше моето ново друштво. Не можам да ви опишам колку интензивно беше тоа дружење. Никој не го интересираше кој на која националност и припаѓа, сите бевме едно, и токму затоа бевме секогаш тука еден за друг. Овде ми се роди и желбата за глума, запознав девојче, чии родители работеа во Драмски Театар, па неизбежна беше посетата во театар, два пати неделно.
Во оваа населба живеев 7 години, веќе повозрасна и на крајот од четвртаа година средно. Поради склоп на околности следна дестинација за преселба беше Шутка. Кисела Вода – Чаир – Шутка… Морам да признам овде не можев да се вклопам, и се уште не можам. Тука наидов на отфрлување од националноста на која припаѓам. Да, точно е дека не умеам да го зборувам јазикот, но дали е тоа доволна причина да се одбегнува секаква комуникација?! Наидов на коментари дека со сила сум се правела Македонка. Ха, откога знам за себе се декларирам како Ромка, и јас и моето семејство.
Велат дека постои страв од туѓинци или различни. Во Чаир и јас почувствував страв од – тогаш различните, се плашев до таа мера што мислев дека ако го кренам погледот некој ќе ме нападне и истепа. Тоа никогаш не се случи. За разлика од Чаир во Шутка на неколку наврати, одејќи накај автобуската станица ми се случи група деца да ме маваат со камења. Зошто сум зборувала македонски ?! Лично сметам дека ваквиот начин на отфрлање е многу поболен.
Што се однесува до ксенофобијата врз Ромите во МК, па и во светот е на високо ниво. Можам да ви посочам пример, од работилница во Берлин, со неколку студенти на ФДУ од различни националности. На крајот од изведбата секој од нас требаше да се претстави, и да каже што е по националност, се разбира имаше и публика. Кога се претставив јас, и кажав дека сум Ромка, од публиката се слушна удар со раце и едно изреволтирано ’’ШАЈЗЕ’’! Толкава омраза се слушна во тој збор, беше изустено низ заби. Сметав дека не треба да изреагирам и не изреагирав, мислев дека така е најпаметно. Јас доживеав вакво искуство во Германија, а имам и доста примери од луѓе кои биле сведоци на ксенофобија во странство.
Што се однесува до ксенофобијата или дискриминацијата во Македонија ќе споделам едно понижување кое не би му го посакала дури ни на најголемиот непријател. Можеби некој е запознаен со случката во 2014, на македонскиот аеродром. На 19 јуни 2014, требаше да отпатувам кај сестра ми во Германија – Констанц. Причината за патувањето беше патолошката бременост на сестра ми, морав итно да патувам кај неа за да и помогнам.
Пасошот ми беше истечен, па извадив нов. Се јавив директно на информации на аеродром, намерно се претставив како Ромка и прашав каква документација ќе ми треба за да немам проблем на граница, бидејќи тоа беше периодот кога интензивно Ромите беа враќани од границите низ Републиката. Ми рекоа дека ми треба гарантен лист, 500 евра и потврда од работа, нормално доколку сум вработена. Веднаш се појави проблем со гарантниот лист. Кога сопругот на сестра ми бил да побара одобрение за мојот престој, два саати им објаснувал дека документот ми е потребен за излез од мојата држава. Инаку Констанц е туристички град, па немало потреба од такво одобрување. По долго објаснување добил печат од градот како гаранција.
Кога стигнав на аеродромот уредно си го чекирав багажот и за кратко време се упатив кон пасошка контрола. Со мене имав потврда од работа, 500 евра, гарантно писмо и повратен билет. Пред мене имаше албанско семејство со три дечиња од кое едното беше бебе. Службеникот го зема пасошот на бебето за проверка, и кога мајката сакаше да го подигне бебето за идентификација, службеното лице со гест и покажа дека нема потреба. Дојде мојот ред, најпрво му ги подадов пасошот и билетот, затоа што сметав дека секој овдешен државјанин може и треба да излезе со тие два документи. Го отвори пасошот и со потсмев ми го повтори името… Велам, да? Каде одиш? Велам, кај сестра ми. Имаш ли гарантен лист? Велам – еве го… Ааа не може, каков е овој печат? Му објаснив кој бил проблемот и дека градот е туристичко место… еве му велам, имам и потврда од работа. Ја погледна потврдата и ме праша каде се наоѓа тој театар. Му одговорив. Имаш ли пари, колку пари имаш? Велам имам 500 евра. Нц, малку е! Стана, и како да бев криминалец ме однесе во едно собче, каде што направи копија од пасошот и ми го пречкрта билетот. На прашањето дали ми го поништи билетот, ми одговори дека Wizzair се нискобуџетна компанија, па не било страшно. За мене беше, зашто исто како пред очи да ми искина 200 евра. Не знаев дали требаше повеќе да зборувам. Билетот го поништи… Ме симна со лифтот, ми покажа каде да си го пречекам багажот и си замина. Погледнав наоколу, не знам колку вперени погледи имаше во мене… Жив срам, понижување, и ете за прв пат се почувствував помалку вредна од другите.
За прв пат си го поставив прашањето зошто сум морала да се родам како Ромка…
Бидејќи револтот беше голем и се чувствував очајно, целава случка ја напишав на фејсбук. Постот се повеќе се споделуваше. Утредента телефонот ќе ми експлодираше од ѕвонење. Се јавуваа блиски, се јавуваа и новинари, ме прашуваа дали сакам случајот да се обелодени по медиуми, и без размислување прифатив. Сметав дека не треба да се плашам од никого, дека треба да разоткријам што се случува со ромскиот народ низ границите. Мислам дека скоро цела недела оваа вест одеше по медиумите.
Како и да е, многу ми е драго што после моето излагање поттикнав доста луѓе кои биле вратени од граница јавно да ја изнесат својата приказна, и да покренат тужба. Мојот случај не помина во Основен Суд Скопје 2, во тоа мојот адвокат беше сигурен уште кога дозна кој судија го презел случајот. Но, се радувам за сите добиени случаи конкретно врзани за враќање од граница или дискриминација.
Сега малку ќе говорам за животната средина во Шутка, со тоа што ќе си дозволам да направам осврт и на друга тема. Тука ни градат школи, еве сега и базен ќе ни отворат… Па, ми се наметнува прашањето, како, и дали во иднина тие средношколци ќе успеат да се интегрираат во општеството?! Со самиот факт дека во населбата има основно училиште, сега веќе и средно во кои што помеѓу себе си зборувааат на ромски јазик, автоматски се осакатени.
Некои луѓе го поддржуваат сето тоа, зашто им здодеало да се соочуваат со дискриминација, па утре истите тие ќе се чудат зошто не ги примиле на работа, или таму каде што биле, се соочиле со потсмев поради начинот на кој говорат, или се однесуваат. Лично за мене, познавањето на македонскиот јазик, како и излегување од секојдневието, конкретно од Шутка без разлика на која националност припаѓаме се задолжителни.
Јас навистина многу би сакала да знам што се случува со дипломираните студенти кои веќе ги има во се поголем број. Колку што знам има дипломирани правници, има дипломирани на политички науки… Каде се тие луѓе? Или тука се работи за страв од различен или туѓинец?
Се додека не се надмине тој страв, ќе бидеме безначајна и нација секогаш на маргините.
И за крај, можеби некој од вас ќе констатира – Кога таа како Ромка си дозволува да зборува за недостатоците на својот народ, што им преостанува на луѓето од другите националности… Не, мојата цел не е по секоја цена да замижам и да речам, какви сме такви сме тие сме. Напротив, го изразувам моето незадоволство особено кон Ромската младина, која свесно или несвесно за жал останува на дното.
Едно е сигурно, како народ во оваа држава треба храбро да се избориме, и конечно да испливаме на површината!
Емра Куртишова