Оваа недела во Собранието на Република Македонија е стигнат нов Предлог-закон за вработување на 100 најдобри студенти дипломирани на јавните универзитети во Македонија, кој треба да се изгласа по скратена постапка. Со него се уредува вработувањето на сто најдобри студенти од прв циклус на студии на еден од петте најдобри универзитети во земјава, во институциите на јавниот сектор. Ова значи дека за овој тип на вработување може да аплицираат само студенти кои студираат на првите пет универзитети на ранг листа на најдобри универзитети која секоја година би требало да се објави до 15 јули од страна на Министерството за образование и наука.
Во законот се уредуваат квотите, односно од кој рангиран универзитет колку студенти ќе имаат можност за вработување, па така член 3 вели:
- 30 најдобри студенти од прво рангираната високообразовна установа
- 25 најдобри студенти од второ рангираната високообразовна установа
- 20 најдобри студенти од трето рангираната високообразовна установа
- 15 најдобри студенти од четврто рангираната високообразовна установа
- 10 најдобри студенти од петто рангираната високообразован установа
Алармантно е тоа што однапред утврдениот број на квоти по установа не гарантира дека навистина најдобрите студенти ќе бидат избрани и вработени. Постои можноста студенти со поголем број на поени да бидат одбиени, а да бидат вработени оние со помал број на поени, само затоа што вториот тип студенти студирале на универзитет за кој е предвидена поголема квота за вработување.
Други услови за аплицирање се и студентот да биде државјанин на Македонија, да е полнолетен, работоспособен и активно да го користи македонскиот јазик. За јавната пријава пак, заинтересираните мора да достават:
- универзитетската диплома и додатокот на дипломата;
- изјава за број на положени испити кај професори кои имаат објавено повеќе од два меѓународни трудови во меѓународни списанија од базата на Томсон Ројтерс (Web of science), со име и презиме на професорот
- диплома и уверенија за освоени награди на меѓународни натпревари од областа на студиите
- уверение за активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење,
- меѓународно признат сертификат или уверение издадено од официјален европски тестатор
Откако студентите ќе ги достават апликациите, Комисијата за селекција, по принцип на бодување на критериумите, за апликантите ќе одреди колкав број на бодови добиле, и по тоа тие ќе бидат рангирани. Максималните бодови што можат да го добијат апликантите е 100, односно, 60 бодови за просечниот успех, 5 за меѓународни дипломи и признанија од натпревари, 5 за научни трудови на професорите на Web of science. Дополнителни 10 поени има и за времето за кое кандидатот го завршил факултетот, а 20 бодови за активно познавање на компјутерските програми за канцелариско работење, како и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија.
Дел од условите се на некој начин дискриминаторски за самите студенти и ги прават едни со други нееднакви, како на пример дипломите и уверенијата за награди на меѓународни натпревари од областа на студиите. Така, додека за некои од студиите има безброј меѓународни натпревари, но други важи сосема спротивното, како што е случајот со општествени науки, наспроти медицина, психологија.
Симптоматично е и тоа што како услов за бирање на најдобар студент се земаат научните трудови на професорот. Тоа што професорот објавил повеќе од два меѓународни труда никако не го определува квалитетот на студентот, ниту пак го прави подобар студент. Бодувањето на овие услови на студентите уште пред аплицирањето прават разлика од 10 поени, кои можат да бидат пресудни за тоа кој го добил вработувањето.
Доколку пак има кандидати кои имаат ист број на бодови во втора децимала со последно рангираниот кандидат, предлог-законот предвидува Комисијата за селекција да организира полагање на испит за проценка на интелектуалниот капацитет. Комисијата која е составена од административци од Министерство за информатичко општество, Министерство за образование и наука и универзитетите кои овој закон ги прави квалификувани да проценуваат нечиј интелектуален капацитет иако не биле обучувани за правење вакви тестови.
Но, ова до сега се само нелогичностите во самиот предлог-закон. Ако тргнеме од претпоставката дека неговата суштина е да ја намали невработеноста на студентите, ова може да се окарактеризира само како уште една брзоплета и популистичка реформа. Евростат и Светска банка тврдат дека младинската невработеност е околу 50% во Македонија, а една од причините е хиперпродукција на високообразован кадар. Од една страна, отвoраат два нови универзитети кои дополнително ќе ја зголемат младинската невработеност, а од друга предлагаат ваква мерка која би требало да ја намали невработеноста.
Без стратегија, без консултација со засегнатите страни, и по кој знае кој пат предлог-закон по скратена постапка, прави само повеќе штета отколку што создава бенефит. Сите тие нафрлани младински реформи и политики, без систем и без проценка дали се потребни и приоритетни, само уште повеќе му штетат на студентскиот стандард и прават огромни разлики помеѓу студентите.
Александра Филипова, студент