По кратка пауза, граѓанската иницијатива „На точак“ ја најави 52. Критична маса која ќе биде со фокус на сообраќајната едукација. Неформалниот велосипедски собир е закажан за среда (31 август), со почеток во 17:30 часот, од Парк Македонија (спроти Веро Тафталиџе), завршувајќи со пикник во СРЦ Сарај.
„Секојдневно среќаваме луѓе кои со децении користат велосипед, но возат од лева страна на улицата и нè доведуваат во опасност нас кои возиме правилно, од десна. Не даваат сигнали и непредвидливо се однесуваат. Неспорна е неправдата која дизајнот на нашите градови им ја нанесува на учесниците во сообраќајот на точак, неспорно е дека улиците не се пријателски и лесно насочувачки за точаци. Оттаму донекаде е разбирливо хаотичното движење и јасна е револтираноста која сите на точак ја имаме“, велат од иницијативата.
Токму поради ова, од иницијативата посочуваат дека сообраќајната едукација, не само што ќе им помогне на велосипедистите да се однесуваат побезбедно во како што велат, постоечките лоши услови, туку на сите граѓани ќе им даде вештини и сознанија за подобри услови и ќе ги збогати со информации кои ќе им помогнат да се изборат за такви услови.
„И додека условите навистина не се безбедни за да поканиме мали деца да одат сами со точак на школо, сепак треба да ги научиме на вештините на управување со нивното прво возило и на правилата за учество во сообраќајот. На областите инфраструктура и култура мора паралелно да се работи“, сметаат од „На точак“.
Оттаму велат дека има сериозни сомневања дека намалувањето на фондот на часови за сообраќајно образование, занемарување на вело-полигоните и слични потези во лоша насока кај децата во минатото создале неодговорни возрасни учесници во сообраќајот денес без оглед на превозното средство.
„Образованието е еден од темелите на кои треба да се гради општата сообраќајна култура вклучително и вело-културата. Секоја сериозна национална и локална власт во ера на климатски промени треба да донесе национална и локална стратегија за поттикнување на активниот и незагадувачки транспорт (пешачење и возење велосипед). Една од областите низ кои таа стратегија треба да се спроведе е образованието“, велат од иницијативата.
Тие потенцираат дека секој учесник на Критична маса е на своја одговорност.
„На 1 септември ќе почне уште една школска година, сиромашна за содржините кои ги спомнуваме, а кои се суштински за побезбеден сообраќај и почист воздух, поодржливи градови и поздрави и посреќни граѓани. Во текот на таа година да се избориме следната да биде поинаква! Врти сучи, врти на точак и учи! Се гледаме на Критична маса!“, се вели во поканата за велосипедскиот собир.