Секој трет граѓанин на Македонија мисли дека не е грев да се снајдеш дури и ако со тоа се крши законот, а секој четврти граѓанин смета дека функционерите кои не крадат се глупави. Скоро четириесет проценти од граѓаните сметаат дека луѓето партиски вработени во институциите, треба на некој начин да ја вратат услугата на партијата.
Овие ставови се дел од резултатите на истражувањето за јавниот морал и демократските вредности на Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка (АГТИС). Анкетата покажува и дека 21 процент од граѓаните се сложуваат со ставот дека оваа влада е добра затоа што, иако краде – повеќе дава на граѓаните.
Претседателот на организацијата Александар Цветкоски, истакна дека јавниот морал за проценката на политичките настани е многу низок, а кај граѓаните владее разочараност и незаинтересираност.
„Дојдовме до податоци дека веќе институциите не се центар на јавниот живот. Тие се деинституционализираат и местото го оставаат на некои сиви центри на моќ, кои се институционализираа. Дури и во свеста на граѓаните, кои веќе криминалот не го сваќаат како криминал, туку како снаоѓање“, рече Цветкоски.
Социологот Татјана Стојановска Иванова смета дека моралната ерозија е на сите нивоа, а културата е разнебитена. Македонија, вели, изгледа како животинската фарма на Орвел во која граѓаните се како машини на кои лидерот им кажува како да се однесуваат, што да јадат, кога да водат љубов.
„Ако пред десет години во нашето бифе на Филозофскиот факултет се водеа интелектуални дебати, каде имаше размена на различни мислења, сега ако поминете тие бифиња се празни. Со колегите, ако почнете дискусија за културниот хабитус на нашата држава, таа се прекинува со стравот дека некој можеби ќе не прислушкува, дека некој може да ги пренесе тие ставови. Не може да очекувате обичниот граѓанин да проговори ако интелектуалната елита молчи“, вели таа.
Аналитичарот Сашо Ордановски, кој ја модерираше дискусијата, мисли дека поразителните податоци за јавниот морал се резултат на смислен план за промена на менталитетот на граѓаните, со цел да се обезбеди долгорочно владеење.
„Сакрализација на политиката значи воведување на државна религија која не е врзана за религиозни, туку за политички мотиви. Таа се продаде на граѓаните постепено, со длабоко навлегување во системските сфери на државата кои задираат во моралот и менталитетот – образование, култура, јавно информирање, политика“, мисли Ордановски.
Учесниците на дебатата кои ги анализираа резултатите се согласни дека за нормализација на системот и стабилизирање на институциите ќе биде потребно многу време.
Падот на институциите е таков што македонското општество е вратено во предполитичка фаза, каде правото не функционира предвидливо и во заштита на граѓаните, мисли професорот Љубомир Фрчковски. Граѓанинот, додава тој, е во улога на поданик кој од структурата на администрацијата не бара правда, туку милост.
Правничката Беса Арифи дел од проблемот го лоцира во законите кои владеачките сили ги менуваа за свои дневни потреби и го спореди денешниот однос помеѓу власта и граѓаните во Македонија преку однос на феудалец и кмет.
Новинарот Бранко Геровски вели дека сериозноста на проблемот е поради инволвираноста и зависноста на голем дел граѓани од системот – преку клиентелистички основи, реална корист и реална љубов кон тој систем на вредности.
Активистот Здравко Савевски, смета дека има огромен морален пад кај политичарите во последниот период, но смета дека дел од вината за целата ситуација лежи и во граѓаните кои се однесуваа според народната изрека „наведната глава сабја не ја сече“.
Истражувањето покажува дека повеќе од половина од испитаниците изјавите дека во споредба со минатото процедурите во институциите се поскапи, посложени, побавни и дека во меѓувреме се воведени нови давачки. Граѓаните, според анкетата, ги сметаат за неуспешни проектите „Скопје 2014“, простувањето на долговите на неплаќачите и „компјутер за секое дете“. Како успешни проекти се издвоени субвенциите во земјоделците и легализацијата на бесправно изградените објекти.
Анкетата на која одговориле 1223 лица од 8 градови и 21 село е спроведена од 15-ти до 27-ми мај.
Даниел Евросимоски