Од љубопитна лисица до гладен клунорог, овие прекрасни фотографии од природата влегоа во финалниот избор на светскиот конкурс за најдобри фотографи на дивиот свет „Wildlife Photographer of the year 2016“. Победниците ќе бидат прогласени на 18-ти октомври.
Љубопитниот сосед од Сем Хобсон (Велика Британија)
Сем знаел точно кого очекува кога го поставил својот фотоапарат на ѕидот во на улица на периферијата на Бристол, британскиот град познат по лисиците. Сакал да ја долови љубопитната природа на урбаните црвени лисици кои живеат во соседството на луѓето од овој град.
Колективно додворување од Скот Портели (Австралија)
Илјадници џиновски сипи секоја зима се собираат во плитките води на јужниот залив во Австралија за нивното единствено мрестење додека се живи. Машките сипи се натпреваруваат за најдобрите територии за положување јајца и потоа ги привлекуваат женките менувајќи ја својата боја на кожа и текстура. Ривалството е огромно, бидејќи машките сипи ги има 11 пати повеќе од женските.
Играње панголин од Ленс ван де Вивер (Нов Зеланд/Јужна Африка)
Ленс го следел крдото лавови неколку часа пред да се запрат за одмор до извор на вода, но нивното внимание не било на водата. Лавовите од јужноафриканскиот природен резерват Тсувалу Калахари, откриле панголин. Овој цицач кој лови мравки преку ноќ, е прекриен со оклоп и се склопува во непробојна топка кога се наоѓа во опасност.
Рибите кои исчезнуваат од Јаго Леонардо (Шпанија)
Во океанот нема каде да се скриете, но овие риби се мајстори за камуфлажа. Последните истражувања покажале дека користат специјални крвни плочки во клетките на кожата за да рефлектираат поларизирана светлина, станувајќи невидливи и за предаторите и потенцијалниот плен.
Делење на замката од Одун Рикардсен (Норвешка)
Некогаш рибарските бродови ги бараат китовите-убијци кои мигрираат во арктичките норвешки води, но во последните зими китовите почнаа да ги следат бродовите. На оваа фотографија голем мажјак кит-убиец се храни од харингите кои излегуваат од рибарската мрежа после риболовот. Китот го научил звукот кој го создава овој вид брод кога ја собира мрежата. Врската е вин-вин, но не секогаш.
Фрлање термити од Вилем Кругер (Јужна Африка)
Термит по термит, овој клунорог со помош на својот жолт клун ги фрла во воздух и ги проголтува. Оваа птица била толку концентрирана на храната што се приближила на шест метри од местото каде Вилем чекал да ја направи оваа фотографија од своето возило во паркот Кгалагади Трансфронтиер во Јужна Африка.
Експлозивна печка од Александре Хец (Франција)
Кога лавата излегува од вулканот Килауа на хавајскиот Голем Остров и влегува во океанот, глетката е спектакуларна, но во оваа прилика Александре имал специјална можност. Овој вулкан е еден од најактивните во светот, во постојана ерупција од 1983 година. Кога лавата со повеќе од 1000 целзиусови степени се влева во океанот, излегува пареа која кондензира во посебен маглив дожд.
Златна реликвија од Даи Шах (Индија)
Со помалку од 2500 возрасни единки останати во природата, распространети во шумите на североисточна Индија и Бутан, златните лангури се загрозен вид животни. Живеат високо на дрвата и се тешки за да се набљудуваат. Но, на малиот остров Умананда на реката Брамапутра, гарантирано е дека ќе ги забележите. Островот е познат по храмот посветен на хиндуистичкиот бог Шива, но и по златните лангури.
Кристална прецизност од Марио Цеа (Шпанија)
Секоја вечер, нешто по зајдисонцето, околу 30 лилјаци излегуваат во лов од своите живеалишта во напуштена куќа во шпанскиот град Саламанка. Секој од нив јаде по 3 илјади инсекти секоја ноќ. Нивните летови се специфично брзи и непредвидливи поради ориентацијата со помош на ехо како би забележале објекти во мракот.
Рој под ѕвездите од Имре Потјо (Унгарија)
Имре бил привлечен од хаотичниот рој на водените инсекти еднодневки над реката Раба во Унгарија и посакал да го фотографира спектаклот под ѕвезденото небо. Секоја година, во текот на неколку дена, голем број возрасни инсекти излегуваат од притоката на Дунав по зајдисонце, каде се развиле од ларви.