Во Грција се собираат бегалци за илегален премин, МВР тврди дека на македонска страна е мирно

На терен, на македонските дел од границата, ситуацијата засега е мирна. Нема регистрирано нарушувања на јавниот ред и мир. Патролните служби ги извршуваат редовните активности и обиколки во случај за обид за нелегален премин од грчка на македонска страна, велат од МВР за Радио МОФ, откако грчите медиуми почнаа да објавуваат дека ситуацијата на македонската граница почнува да зоврива.

Имено, по три месеци по затворање на бегалскиот камп кај Идомени, грчкиот весник „Катимерини“ објави дека се иницираат нови протести на бегалците и обиди за тајно преминување на македонска страна, со желба да се стигне до Централна и до Западна Европа.

Гневни на неизвесната ситуација во која живеат во бегалскиот камп кај Кукуш, група бегалци од Сирија и од Ирак вчера во знак на протест блокирале дел од патот од Солун кон Евзони, во близина на Поликастро.

Бегалците барале границите повторно да се отворат и да си заминат од Грција, каде се заглавени со месеци. Фрустрацијата кај бегалците е се поголема бидејќи условите за живот се далеку од пристојни, а нивниот статус е се понеизвесен, без некаква најава дека набргу ќе може да заминат кон Германија или друга европска земја.

Според „Катимерини“, загрижувачки е и бројот на бегалци кои си заминуваат од камповите и целосно им се губи трага. Претпоставките се дека се кријат во шумите околу македонско-грчката граница и се обидуваат со помош на шверцерите да преминат кон Македонија.

Извор од грчката полиција за весникот тврди дека секојдневно се апсат од 50 до 200 луѓе во близина на грчко-македонската граница, а при обид да преминат нелегално на македонската територија.

„Стигаат до границата со воз и се симнуваат кај селото Муриес (Кукуш) или кај Дојрани, а оттаму се обидуваат да преминат од другата страна преку шумите и брегот на езерото. Други се обидуваат да поминат кај селото Хамило во близина на Идомени, од каде во јуни имаше обид за масовен влез во Скопје. Ние, од наша страна правиме сè што можеме“, изјавил полицискиот извор за весникот.

Инаку, последните информации од Грција велат дека во земјата се заглавени околу 59.500 мигранти и бегалци.