Кирил Спироски: Се манипулира со бројките, некој сака да го оцрни името на СПУКМ

Поранешниот претседател на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Кирил Спироски вели дека бројките кои денеска Студентски пленум ги обелодени, а се поврзани со трошењето на организацијата, се манипулативни и извадени од контекст. Тој во изјава за Радио МОФ вели дека финансискиот извештај за 2014/2015 година не е таен, туку цело време е во универзитетот и е одобрен од Комисијата за финансирање и Сенатот, односно највисоките тела на УКИМ.

„Самите професори имаа увид, дури и оние од Професорскиот пленум. Ние многу пати бевме пофалени за нашите просеци. Второ, постигнавме многу големи резултати, посебно во полето на меѓународната политика, со тоа што имаме потпретседател, член на СПУКМ, а е потпретседател и на Европската студентска унија. Така што, мислам дека се прави скандализирање и манипулирање со бројките“, вели Спироски.

Студентски пленум утрово го презентираше последниот финансиски извештај на Студентскиот парламент, посочувајќи на високи суми кои се трошеле за организирање забави, телефонски сметки и патувања. Според Пленумот, 136 676 денари од вкупниот буџет на СПУКМ биле потрошени за платата на Кирил Спировски, чиј мандат во тој период е истечен. Дополнително, од Пленумот реагираа и за платата на потпретседателот, функција за која информираа дека не постои според Статутот на СПУКМ.

Студентски пленум: Илјадници евра за телефонски сметки и забави, СПУКМ неконтролирано ги троши парите на студентите

Сепак, Спироски тврди дека во Статутот, поточно во делот за претседателство, пишува дека претседателот има заменици, а тоа е потпретседател.

„Се манипулира со бројките, видов некоја бројка дека сум зел 130 000 денари плата, а тоа не е точно. Се гледа во пресметките дека се работи за многу помала сума. Не знам зошто се манипулира со бројки во јавноста, дали сака некој да го оцрни името? Јас така го доживувам тоа“, вели Спироски.

Тој нагласи дека ако постои организација која на најтранспарентен начин ги прикажува финансиските извештаи, тоа би било Студентскиот парламент при УКИМ.

Извештајот за 2014/2015 година, пак, покажува дека СПУКМ во тој период располагал со 2 650 000 денари, средства кои според Студентскиот пленум биле трошени неконтролирано и несолидарно.

„Според извештаите, 181 000 денари биле потрошени за матичните факултети. Проблемот е што не знаеме на кој начин биле трошени парите. Понатаму, видовме дека телефонските сметки потрошиле 342 250 денари. Она што е многу интересно е дека во еден наврат 62 000 биле потрошени само за една телефонска сметка. Дополнително, имаме информации дека за авионски билети, за само девет лица, биле потрошени 263 000 денари. Патувале во Израел, Москва, Ерменија, Латвија, за семинар, академија, средба и студентска посета. Би сакале да напоменеме дека ова несолидарно трошење на парите, може да бидат потрошени за други студентски потреби, и е една од причините зошто Студентски пленум се бори против оваа неодговорно, криминално тело“, изјави студентката Теодора Столевска.

Е.П.