Од денес во земјава не може да се увезува месо или животни кои се подложни на болеста „син јазик“, која ги напаѓа овците, козите и говедата. Забранетиот увоз важи и за семе, јајца и ембриони.
Словенечката управа за храна и ветеринарство открила две животни заболени од оваа болест, а во Црна Гора состојбата е алармантна – до 22 август се регистрирани 177 животни заразени од „син јазик“ и 532 заразени од „јазлеста кожа“.
Оттука, домашната Агенција за храна и ветеринарство донесе решение, а одлукате за забрана е објавена и во Службен весник.
Инаку, болеста „син јазик“ во Македонија беше регистрирана во 2014 година во беровскиот крај, а потоа се прошири и во штипскиот, радовишкиот, кочанскиот и во овчеполскиот регион. Тогаш угинаа 18.000 грла и болеста им направи огромни штети на сточарите. Во моментов нема евидентирано заболено грло.
Се работи за вирусно заболување кое ги напаѓа преживарите, а се пренесува преку инсекти Culicoides. Не се пренесува од животно на животно, и од животно на човек. Нема ризик за луѓето, сепак, не е препорачливо јадење заболено месо.
„Син јазик“ различно се манифестира кај различни видови животни. Особено тешка е формата кај овците – предизвикува намалување на тежина, млечност, растот, волната… Можна е и смртност.