Град Скопје традиционално се приклучува во одбележување на Европската недела на мобилноста со низа активности, кои ќе ги одбележат деновите на алтернативната и одржлива мобилност. Во деновите од 16 до 22 септември ќе се реализира разновидна програма наменета за сите граѓани.
Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Паметна и одржлива мобилност – влог за Европа“. Манифестацијата има за цел да ги поттикне локалните политичари и јавноста паметната и одржлива мобилност да ја препознаат како инвестиција за Европа.
Како што информираат од Град Скопје, во овие седум дена ќе бидат претставени многубројни активности и проекти што се поврзани со одржливата мобилност, со цел да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт.
„Граѓаните ќе имаат можност да се едуцираат, да спортуваат, да се натпреваруваат, да разменуваат позитивни искуства и да учествуваат на трибини и форуми посветени на одржливиот транспортен систем. Традиционално, Европската недела на мобилноста 2016 ќе заврши на 22 септември, на Денот без автомобили, со големо велосипедско дефиле што ќе се вози на градските улици“, велат од Град Скопје.
Европската недела на мобилност 2016 во Скопје ќе се реализира во соработка со невладината организација ОРТ, како и со Делегацијата на Европската унија во нашата земја, Министерството за животна средина и просторно планирање и УНДП.
Целосната програма е достапна на овој линк.