Нов чекор против загадувањето – во Скопје и Тетово ќе „никнат“ зелени билборди City Tree

City Tree или во буквален превод „Градско дрво“ е вертикална структура од мовови со висина од 4 метри, ширина од 3 метри и длабочина од 60 сантиметри. Овие зелени билборди се веќе поставени во Берлин, Дрезден, Париз, Осло, Хонг Конг… City Tree претставува комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои „јадат“ ситна прашина (ПМ), азотни оксиди и озон, а имаат способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диоксид годишно.

Ваков зелен билборд од октомври ќе биде поставен во центарот на Скопје, до статуата на свирачите, а ќе „никне“ и во еден од најзагадените европски градови – Тетово.

Извршната директорка Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екo-свест“, Ана Чоловиќ-Лешовска потенцира дека проектот City Tree  е во соработка со германската амбасада и Град Скопје, а целта е да се направи нов чекор кон намалување за аерозагадувањето. Воедно, да се подигне јавната свест, да се поттикне граѓански ангажман за околината и започнат дискусии за политики и практики за ублажување на овој проблем.

„City Tree има пропустлива структура која има способност и да ја успори брзината на ветерот. Мововите и васкуларните растенија ја привлекуваат и фаќаат ситната прашина, а потоа ја претвораат во фитомаса која ја користат како храна. Овој растителен филтер го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и може да се адаптира на секоја животна средина“, вели Чоловиќ-Лешоска.

citytree

Според претставничката на „Еко-Свест“, зелените билборди се инсталации со соларни панели, кои се практично самоодржливи и потребно е сервисирање од само неколку часа годишно. Односно, единствено што бараат е редовно одржување со вода.

Конструкцијата содржи и сензори за собирање на податоци од важност за животната средина и климата со цел да ја регулира и контролира целата струкутра и да се осигура растенијата да преживеат. Тие во својата близина ја намалуваат температурата до 5 степени.

City Tree има ист ефект како 275 дрва, но, потенцира Чоловиќ-Лешоска, ова не значи дека билбордот може комплетно да го замени урбаното зеленило.

„Во центарот на Скопје во изминатите години беа исечени стотици дрвја, па затоа и City Tree ќе биде поставено во централното подрачје, за да алармира за овој проблем, а притоа да стимулира будност и грижа за квалитетот на животот“, рече Чоловиќ-Лешовска, дополнувајќи дека во земјава има поразителни резултати кога во прашање е аерозагадувањето, а Скопје, Тетово и Битола се на врвот на листата на најзагадени градови.

Спротивно на нејзината изјава, раководителката на секторот за животна средина на Град Скопје Цветанка Икономова-Мартиновска тврди дека во изминатите години во главниот град има позитивни промени кон квалитетот на воздухот.

Во Тетово и Скопје, особено во зима, се регистрираат концентрации на честички дури 15-20 пати над дозволената граница

Во Тетово и Скопје, особено во зима, се регистрираат концентрации на честички дури 15-20 пати над дозволената граница

„Сите сме свесни дека постои проблем со загадувањето, порано повеќе со сулфур дикосидот, а сега особено со ПМ 10 честичките. Влијаат повеќе фактори, меѓу кои и автомобилите, греењето во домаќинствата, урбанистичките промашувања што спречуваат соодветно струење на воздухот… Се бориме и пробуваме да спречуваме и незаконско палење во депониите, знаеме дека има такво нешто и покрај Вардар, кај Вардариште. Сепак, има позитивна насока кон спроведување на законските обврски за А и Б интегрирани дозволи за поголемите производители. Помалите ја исполнуваат должноста кон елаборатите за заштита на животната средина. Град Скопје реализира повеќе мерки, се подготвуваме за донирање и на печки за пелети“, вели Икономова-Мартиновска.

Исто така, најавува таа, во тек се и два нови проекти, специјални мерења со кои точно ќе се знае колку влијае транспортот и индивидуалното затоплување во вкупното градско загадување.

Претставничката на Град Скопје негативно одговори на прашањето на Радио МОФ дали мултисекторското координативно тело, во кое е вклучен и Град Скопје, се состанува единствено кога ќе почне да „пече“ на очи и нос, па дури тогаш се решава „што ќе правиме со загадувањето“

„Не е точно дека не се состануваме редовно. Досега се донесени се бројни мерки, документи, планови за загадувањето. Сега во соработка со Министерството за животна средина, како донација од Финска, се работи и на поопсежен и подетален план за подобрување на квалитетот на воздухот на Град Скопје. Сите досегашни мерки се преземени во соработка со сите чинители на ова меѓусекторското тело“, рече Икономова-Мартиновска.

Креаторите на City tree, фотографирани до своето дело

Осврнувајќи се кон City Tree, германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер подвлече дека ова е проект кој е важен не само за Македонија и Германија, туку е заеднички глобален потег кон климатските промени.

„Со Парискиот договор, дури 195 држави потпишаа заклучоци и мерки кои треба да се спроведуваат до 2020 година. Ова е продолжеток на таа иницијатива. Ние како амбасада, во рамки на активностите кон климатските промени, бевме фасцинирани од овој проект. Тој е последица на соработката со компаниите, општините и невладиниот сектор“, рече Алтхаузер.

Инаку, City tree e иновативно решение на компанијата Green City Solutions, основана во 2014 година. Потребата за вакво нешто произлегува и од фактот што светската популација се повеќе се сели во градовите, дури 50% од популацијата живее во град, а до 2050 година се очекува и до високи 80%. На сметка на овие податоци, велат од организацијата, градот располага со сѐ помалку простор за зеленило, а со тоа растат и загадувањето на воздухот, стресот, бучавата, но и алергиите и малигните заболувања предизвикани од зголемени температури во градот.

„Дури 90% од жителите на градовите секој ден дишат загаден воздух. Загадениот воздух е причина за смрт кај секој 7-ми човек во светот. Главните компоненти на загадувањето на воздухот се азотните оксииди, озонот и ситната прашина (PM). Само 10 микрограми ситна прашина на метар кубен воздухот го скратува животниот век за половина година“, соопштуваат од Еко-свест.

Бојан Шашевски