Попоски: Владата ќе постапи по дел од барањата на Турција, дел работи не може да се спроведат

Владата на затворена седница донела одлука да постапи по дел од барањата од Турција што беа испорачани по неуспешниот обид за пуч, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за Радио Слободна Европа.

Попоски рече дека не може да коментира одлуки донесени на затворена владина седница и затоа не може да каже што конкретно побарала Турција, ниту пак какви мерки ќе бидат преземени.

„Имавме конкретни барања по воениот пуч во Турција и во однос на тие барања нашиот став е јасен и недвосмислен. Нема никакви дилеми дека ги поддржуваме демократски избраните институции во Турција. Во однос на нивните конкретни барања, владата на затворена седница донесе одлуки и ќе постапуваме по нив. Не би можел да кажам што конкретно е побарано, ниту пак што ќе биде преземено, затоа што тоа се одлуки донесени на затворена седница на влада. Во однос на барањата од Турција, ние мораме да се водиме од нашите национални интереси и нашето законодавство, значи било која мерка која би била преземена би била преземена би била во склад со нашите интереси и законодавство“, рече Попоски.

Тој додаде и дека во однос на Турција има работи кои можат да се спроведат и има работи кои не можеме да се спроведат, а границата ќе биде македонските интереси и македонското законодавство.

Инаку, во Македонија на тапет на Реџеп Таип Ердоган, како наводни соработници турскиот свештеник Фетула Ѓулен, кој во Турција е веќе и осуден за обидот за воен пуч од 15 јули, се најдоа училиштето „Јахја Кемал“, неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, агенцијата „Башак“, компанијата  „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР.

Од училиштето „Јахја Кемал“ пред самиот почеток на учебната година рекоа дека немаат никакви инструкции од Министерството за образование, освен нормално да продолжат со подготовките за училишниот процес. Одговорните лица од „Јахја Кемал“ на неколку пати негираа поврзаност со Ѓулен, ниту финансиска, ниту каква било друга и потенцираа дека се работи за македонска компанија која веќе 20 години без никакви проблеми функционира во Македонија.