Маја Ѓорѓевиќ Илиев, Стефан Јакимовски и Марко Илиевски се тројца млади уметници, кои на 28 септември во Јавна соба ќе ја одржат заедничката изложба „Три точки“. Иако разработуваат сосема различни теми, велат дека „трите точки се поврзуваат“ – во три приказни кои во себе содржат силна идеја и порака која се надеваат дека ќе стигне до луѓето.
Маја со своите осум графики насловени како „Јас гледам луѓе, но не и човечност“, разработува тема која вели дека е многу важна за човекот, човечноста и нашата планета, но за жал не е разоткриена во јавноста – правата на животните и насилството врз нив кое го врши индустријата на месо.
„Токму затоа и давам големо значeње на оваа тема и сакам да ја направам што е можно поактуелна и попопуларна. Сметам дека е нешто за кое секој човек треба да биде свесен и да знае каков е всушност целиот процес на производство и обработка на месо, позната по називот „Factory Farming“, како и злоупотребата на животните“, вели Ѓорѓевиќ Илиев.
Преку своите дела таа сака да ги истакне сите лоши постапки и последици, како и некотролираното уништување и загадување. Нејзините графики се приказ на она што е реално, нешто што светот го има прифатено како нормално, а за неа е неприфатливо.
„Преку своите дела се обидувам да пренесам порака, во уметничка форма и смисла, во која треба да се идентификува нешто од себе во нив и обратно, со желба да се биде слободен од тоа страдање“, вели Ѓорѓевиќ Илиев.
Нејзината цел е да се направат овие скриени практики видливи и да се поттикне јавното мислење за ова прашање. Вели дека месото повеќе не е дел од нејзината исхрана, а веројатно најголема причина за тоа е што е голем љубител на животните.
„Со изработка на овие графики, остварив една цел од мојот живот, можност и начин за пренесување порака, искажување на револт, како и јавно прикажување на она што е реално, а скриено од јавноста. Можеби моите дела не се доволни за да ја пренесам целосната слика на она што се случува во индустријата за мeсо, но сепак е добар почеток за инспирација на истомислениците, како и за моето понатамошно истражување и спротиставување на истото“, смета таа.
Нејзиниот колега Марко, пак, со својата уметност решил да проучува и разработува сосема различна тема – влијанието на музиката врз психолошката состојба на човекот.
На тоа го поттикнале општествените проблеми со кои што секојдневно се бориме како општество.
„Лошата политичка и економска ситуација во нашата држава, а и во целиот свет, во голема мера влијаат врз расположението на сите нас. Поради опседнатоста со се што е негативно и мрачно, забораваме да го живееме животот онака како што сите би требало да го живееме, со возбуда и радост. Поголемиот дел од луѓето за жал се депресивни, зтворени во себе, изгубени, без надеж за подобри времиња и без соништа. Постојаната грижа за иднината и борбата за подобро утре, прави да заборавиме да живееме во сегашноста и да уживаме во она што ни го нуди животот. Бидејќи секогаш се трудам да гледам позитивно на работите, без разлика колку и да изгледа безизлезна ситуацијата во која се наоѓам и овој пат одлучив да пронајдам макар една работа која и покрај се му помага на човекот да се чувствува подобро“, вели Илиевски.
Почнувајќи од себе, а потоа и низ разговори со луѓето околу него, заклучил дека музиката претставува лек и истовремено штит, кој ни помага да живееме слободно и барем на момент да заборавиме на она што е негативно. Сето ова било мотивација неговите 17 графики и 10 цртежи, односно колажи да ги посвети на музиката и нејзината моќ.
„Третата точка“, односно делот од изложбата изработен од Стефан Јакимовски, именуван „Дневник 8“, е визуелен приказ на дневникот кој го водел како студент, опфатен со 10 графики.
„Како секој млад човек и јас бев преоптоварен со работи додека студирав. Периодот пред да ја започнам оваа тема имаше толку многу работи што се случуваа околу мене и не можев да се одлучам за одредена тема за работа за мојата дипломска работа . Тој период почнав да водам дневник и сите работи што ми се случуваа ги запишував со симболи и знаци во графиката. На еден начин сакав да ги заробам и пренесам сите случувања, муабети, чувства и безброј други работи кои беа секојдневие во мојот живот и со знаци, симболи и метафори, и преку графиката да ги пренесам на публиката“.
Она што ги обединува сите овие различни теми, овие три точки, е взаемна љубов на тројцата автори кон уметноста. Една точка е крај, а три значат дека нешто продолжува, вели Јакимовски. Исто како и нив – завршиле на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, се претставуваат на изложбата со делата од дипломската, и веруваат дека ќе продолжат да творат и создаваат уметност во иднина.
„Нештото што не спојува е љубовта кон графиката, како и изразувањето преку нејзините традиционални техники кои сме ги изучувале во текот на нашите студии. И покрај тоа што темите се различни и немаат никаква поврзаност меѓусебе, сепак сметам дека се теми на кои сме дискутирале и дури сме биле сведоци. Ставовите и сфаќањата биле еднакви со идентично мислење, а со тоа се поврзуваат и тие три точки кои сме самите ние“, вели Ѓорѓевиќ Илиев.
Тројцата се согласни дека иако Македонија има многу мала публика кога станува збор за ликовната сцена, во последно време луѓето кои ја вреднуваат уметноста и сакаат да ја видат ги има во поголем број.
„Чувството да разговараш со поголем број луѓе за уметноста која ја создаваш и истовремено да знаеш дека на еден или пак друг начин ги допрела и поттикнала да размислуваат е прекрасно. Нивниот интерес и критики се дополнителна мотивација да создавам и творам. Нормално, поголема публика значи поголема подршка која на сите нас ни е потребна и добредојдена“, смета Илиевски.
Сепак, економската состојба во државава, велат, не им дозволува да заработуваат и живеат исклучиво од продажбата на своите уметнички дела, но секогаш ги води надежта дека нештата одат кон подобро.
Стефанија Тенекеџиева