Пишува Долорес Поповиќ, студентка на актерска игра на ФДУ и дел од перформансот „Будење на пролетта“, кој беше откажан од страна на фестивалот „Браќа Манаки“.
Веќе четврти ден по ред како се будам и си велам, ај ќе ти помине. По едвај три секунди се прашувам, а треба ли? Се навикнавме полека на сè, дури и земјотресите да продолжеа, немаше да заминеме, само ќе ги спуштевме скапите порцелански вазни (купени од Џамбо) од високите полици.
Стигнавме до дереџе слободоумни уметници кои се борат за созревање на секое уметничко ниво да бидат партиски обојувани и грубо отстранувани од сцена, местото кое би требало да ни претставува наш дом. Можеше многу лесно да ни биде кажано да ги тргнеме „лепливите“ овошја од перформансот. Ќе јадевме банани, мме! Ама, не! Не им беше до овошјето, туку се плашеа дека некој во публика ќе го стрефи срце ако види голо стапало или чувај Боже – нешто повеќе, па ако викнат амбулантна кола да не ѝ треба 45 минути да стигне.
Знам дека ви се чини чудно, при толку дисфункционални работи во државичкава, олку револт околу откажан перформанс. Обидете се да разберете, на многумина од нас, само уште тоа ни остана. Ни ги растурија фамилиите, ни ги прокоцкаа парите и ни ја убија волјата за живот. Барем не ни ја допирајте сцената! Само уште таму можеме да го покажеме бесот без да одиме во затвор, без да бидеме нарекувани хулигани и без да се плашиме дека работно место за нас ќе нема… или пак не.
Сенешто се изнаслушав и изначитав за себе деновиве. Од „Седи си мирна, квази-уметнице“ до „Што ќе смениш, бе?“, и најпосле “Браво на храброста, девојко.“ За првиве две нема да коментирам, презборена тема ми е тоа, а за последново, само ќе напоменам, да можевте да видите колку ми се сечеа колената пред да се „втурнам“ на сцена за да го кажам своето, ќе сфатевте дека не е храброст тоа, туку лудост.
Бунтот не потекнува од храброста, туку од бесот. Сите сме исплашени. Ама не е страшно тоа дека нè цензурираат, тоа постоело отсекогаш и ќе продолжи да постои. Страшно е само ако молчиме.