Здружението за преведувачи на Република Македонија ги поканува сите студенти, идни преведувачи и толкувачи, да присуствуваат на четвртата Меѓународна конференција за преведувачи и толкувачи, која ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Охрид.
Конференцијата има меѓународен карактер и на неа ќе присуствуваат истакнати говорници од целиот свет, кои ќе го споделат своето знаење за техники и алатки за успешно пливање во водите на самостојната работа (freelancing), когнитивниот процес што се одвива во мозокот на симултаните толкувачи, предизвиците и замките на книжевниот превод, иднината на аудиовизуелниот превод и многу други теми.
Работен јазик на конференцијата е англиски и на неа се добредојдени сите ентузијасти заинтересирани за размена на идеи, професионално усовршување и растење, сето тоа потпомогнато од страна на врвни конференциски говорници собрани на едно место.
Повеќе информации за темите, говорниците и цените за присуство за студенти може да се најдат на официјалната веб-страница на настанот.
Покрај ова, како дел од конференцијата, Атила Пирот од Меѓународното здружение на професионални преведувачи и толкувачи ќе одржи бесплатно предавање во просториите на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Предавањето е закажано за трети октомври, од 13.00-14.30 часот. Темата на предавањето е успешното отпочнување независна кариера во превод и толкување, стекнување професионална автономија и успешно користење на алатките за машински превод.