Просечно врнежлива есен, со просечни температури меѓу 8 и 12 Целзиусови степени, предвидуваат од УХМР, врз основа на материјалите преземени од Европскиот Центар за Среднорочна Прогноза на Времето (ECMWF) во Рединг и Виртуелниот Центар за Климатски Промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC).
Тримесечната прогноза на времето во Македонија за период септември-ноември покажува просечни вредности на температурите на воздухот (8 -12°C). Вообичаено просечна врнежлива есен е прогнозирана и оваа година, но поголема процентуална веројатност за отстапување, односно за појава на малку поголеми количини на врнежи од просечните постои во југоисточна Македонија (50-100 мм).
Во октомври не очекуваат просечни температури 10-14°C, но постои голема веројатност дека во врнежите на целата територија на Републиката ќе бидат под просечните вредности. Особени пониски количини на врнежи се очекуваат во западна Македонија.
Просечните вредности на температурата би требало да се задржат и во месец ноември 6-9°C, а во западните планински делови се очекуваат пониски температури. Врнежите и во овој месец треба да бидат под просечните, освен во источна Македонија каде што треба да се постигнат просечните количини (50-100 мм).
Исто така постои веројатност во есенската сезона да се јават периоди со постудено и суво време, како и веројатност за изразени позитивни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата и врнежите.
Не се исклучува можноста дека кон крајот на септември и почетокот на октомври да имаме продолжеток на летото, потопол и сув период.
Според историските податоци со кои располага УХМР за сезона есен регистрирана е апсолутната максимална температура 39,7 °C во Демир Капија на 5 септември 2015 г., а апсолутно минимална температура измерена е -19,0°C во Берово на 6 ноември 1995 г. Температурниот опсег на многугодишниот просек 1981-2010 за есента е од околу 8°C во планинските предели до 16,9°C измерени во Гевгелија.
Врнежите во овој период биле од 127 мм измерени на метеоролошката станица во Штип до 326,6mm во Лазарополе.