Платформата Solveo, чија цел е да ги приближи студентите и компаниите преку натпревари и работилници, организира нов натпревар. Овој пат предизвикот го испорача локалната софтверска компанија doXteam.
Учесниците во натпреварот треба да изработат стратегија за лансирање на нов производ на doXteam. Натпреварот е отворен за сите студенти, но сепак потребни се некои вештини. Овој пат предност имаат кандидатите со познавање од: е-бизнис, е-технологии, маркетинг, менаџмент, дизајн, информатички технологии и ИТ мeнаџмент.
„За време на овој проект ќе тргнеме од код кој можеме да го видиме само на екран и ќе стигнеме до продукт кој ќе се пробие на глобалниот пазар. Она што треба студентите да го направат е тимски да развијат go-to- market стратегија која ќе биде пропратена со развој на брендинг и развој на веб-страница почнувајќи само од име.
На проектот ќе работиме во мултидисциплинарни тимови кои ќе бидат оформени на самиот настан. Дигиталниот продукт на кој ќе се работи за време на проектот ќе биде подетално објаснет во понатамошната комуникација со избраните учесници.“, велат од Solveo.
Натпреварот ќе трае 4 недели, период во кој ќе се одржат 7 работилници. По ова тимовите ќе ги презентираат своите решенија пред doxTeam. Решението кое ќе биде избрано како најдобро ќе биде наградено. Поважно, учесниците ќе имаат можност да се претстават пред потенцијални работодавци и да се здобијат со практични вештини.
doxTeam е компанија основана од Глигор Дачевски, ко-основач на Seavus, основач на SportyPal и CompleteDock.
Сите заинтересирани треба да се пријават на веб сајтот за натпреварот, најдоцна до 30 септември.