Кривичниот суд Скопје 1 е изворот на најголемите опструкции врз работата на СЈО. Од вкупните барања за притвор од страна на СЈО, Кривичниот суд одобри само едно барање, соопштува Шарена револуција по вчерашната герила-акција при која беше обоен Кривичниот суд во Скопје.
Од другата страна, за разлика од ваквиот третман за барањата на СЈО, шарените револуцинери потенцираат дека за периодот 2012-2014, од вкупно 717 барања за притвор од Обвинителството на Марко Зврлевски, Судовите во Република Македонија имаат одобрено 707 (99%).
„Ова е само еден од многуте облици на опструкции и поставување на двојни стандарди во судската практика кога станува збор за работењето на СЈО“, стои во соопштението на Шарена револуција.
Од таму за 17 часот повикуваат на протест пред Собранието на Република Македонија, а со цел да се даде поддршка за СЈО. Сметаат дека власта ја користи секоја прилика за да ја блокира работата на оваа институција.
„Судиите од тефтерот на горде продолжуваат да ги одбиваат барањата за притвор, го укинаа единственото кое беше прифатено и го вратија едниот Обвинителен предлог кој СЈО го поднесе до кривичното одделение, поради причина која не им е проблем кога постапуваат по предметите на зврлевски. Уставниот суд се уште нема закажано седница на која ќе се разгледува Иницијативата за уставноста на СЈО. Пратениците од ДПМНЕ одбиваат секаква поддршка за СЈО. Одбиваат да ги донесат потребните законски измени за заштита на сведоци и свиркачи, одбиваат да го продолжат рокот за работење на СЈО, а собраниската говорница ја користат исклучиво за дискредитација на Катица Јанева и институцијата која ја претставува. Владата зад која се уште стои обвинетиот Груевски, продолжува да остава на високи функции луѓе кои се под истрага за сериозни кривични дела од страна на СЈО“, стои во повикот за денешниот собир.
Во однос на попладневнот собир, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува полицијците кои ќе го обезбедуваат собирот професионално да одговорат на задачата.
„Без оглед кој протестира, МВР треба да го одржува јавниот ред и мир и нормално треба да се почитува правото на протест, а полицијата треба професионално да си ја врши работа“, рече Спасовски.