Граѓаните од Република Македонија најчесто гледаат вести, а потоа играни серии, за кои сметаат дека се премногу застапени на медиумите, покажуваат резултатите од истражувањето кое во периодот ноември – декември 2015 беше спроведено по барање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Истражувањето на АВМУ опфатило 1.200 испитаници на возраст над 16 години, според кои недостига образовна и културна програма, програми за деца и цртани филмови, документарни емисии и играни филмови.
Понатаму, истражувањето покажува дека телевизијата е најзначаен медиум преку кој се информираат граѓаните. Односно, речиси 75 проценти од анкетираните изјавиле дека за домашните и странските настани секојдневно се информираат преку телевизијата.
Втор најчест извор на информирање е интернетот. Дури 66 проценти од анкетираните одговориле дека никогаш не се информираат од радиото, а речиси 57 проценти дека никогаш не се информираат од печатените медиуми. Најчеста причина поради којашто публиката слушала радио е за забава.
Што се однесува до информирањето од телевизијата, односот помеѓу бројноста на публиката којашто секојдневно се информира од телевизијата е обратно пропорционален со степенот на образование, односно со зголемување на степенот на образование на испитаниците се намалува учеството на оние коишто коишто се информираат од телевизијата. Состојбата е обратна кај испитаниците коишто се информираат од интернет и од печатени медиуми.
Во 2015 година кога е спроведено истражувањето само 7,5 проценти од граѓаните користеле обична антена, а 84,3 проценти ги користеле услугите на операторите на јавните електронски комуникациски мрежи.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на јавен состанок ја презентираше и Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги според која минатата година вкупните приходи на радиодофузерите изнесуваат 3 милијарди 102 милиони денари од кои милијарда 693 милиони денари се приходи добиени од реклами. Речиси 92 проценти од вкупните приходи од реклами ги оствариле телевизиите, а само осум проценти се приходи што ги оствариле радијата од реклами.
За текстот на Нацрт- Анализата, Агенцијата отвори јавна расправа која ќе трае до 3 октомври 2016 година.
Нацрт-Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2015 година може да се преземе на следниот линк.