„Спамалот“, музичка комедија базирана на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ и еден од најпопуларните бродвејски мјузикли досега, ќе гостува во Скопје во рамки на Таксират фестивалот. Актерската група од Србија во Скопје ќе настапи на 27 ноември, во реновираната сала на МОБ.
„Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа: Никола Којо по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, заедно со Никола Ѓуричко, Срѓан Тимаров, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и Јелена Јовичиќ. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав – Рале Миленковиќ.
За настанот има ограничен број на билети. Билетите ќе бидат пуштени во продажба од среда (5 октомври), а наскоро ќе бидат објавени цените и продажните места.
Оригиналната Бродвејска продукција е направена во 2005 година, кога „Спамалот“ ја доби „Тони“ наградата за најдобар мјузикл, како и две „Тони“ награди. На тоа доделување, „Спамалот“ беше номиниран за вкупно 14 „Тони“ награди. За речиси пет години театарски живот на Бродвеј, претставата е изведена повеќе од 1500 пати, а ја погледнале повеќе од два милиони луѓе во 25 држави.
Мјузиклот изобилува со традиционален британски хумор и во препознатливиот Пајтоновски манир ја извртува реалноста на комичен и саркастичен начин, кој е невозможно да ве остави рамнодушен. По Бродвеј, мјузиклот беше исклучително успешен и во Велика Британија, Германија, Шпанија, Шведска, Чешка, Франција, Унгарија, Белгија, Канада, Мексико, Холандија, Јапонија, Јужна Кореја.
Минатата година премиерно и со неверојатен успех беше изведен и во Белград, а во рамки на Таксират фестивал, конечно доаѓа и во Скопје.