Испораката на топлинска енергија до потрошувачите на системот на „Балкан енерџи“ (БЕГ) започнува од утре, 5 октомври. Ова е десетина денови порано од вообичаеното, а одлуката на снабдувачот е поради падот на температурите.
„Согласно регулативите, снабдувањето со толинска енергија на тарифните потрошувачи може да почне и пред 15 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управа за хидрометеролошки работи на Република Македонија“, велат од БЕГ.
Од таму нагласуваат дека конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред официјалниот старт на грејната сезона, односно 15 октомври, ја носи Регулаторната комисија за енергетика.
„Во изминативе неколку денови, екипите вршеа континуирани ладни проби на системот со цел да се отстранат евентуалните пречки и да се обезбеди навремена и квалитетна испорака на топлинска енергија до потрошувачите“, стои во соопштението на БЕГ.
Компанијата ги информира сите постојни потрошувачи дека евентуалните дефекти се пријавуваат на телефонскиот број 02/3076-200, на следнот линк, или СМС порака на броевите: 076 350 298, 078 207 056 и 070-369-337.