Единаесет електрични возила се новитет во возниот парк на албанската полиција. Тие беа презентирани пред зградата на Министерството за внатрешни работи, каде министерот Самир Тахири потенцираше дека „нема да трошат ни капка гориво“.
„Трошоците за погон за овие возила се многу, многу мали. Помали од едно кафе на ден. Трошоците за електрична енергија се 1.200 стари леки (помалку од едно евро) на 100 километри, додека еден конвенционален полициски автомобил за 100 километри троши некаде до 30 илјади леки“, изјави Тахири.
Од друга страна, пак, агенцијата АП и низа странски медиуми објавија и еден проблем – на пумпите нема полначи за батериите на електричните автомобили. Тоа значи, полицајците ќе бидат принудени да се враќаат во полициските станици за да ги наполнат.
На електричните возила реагираше и поранешниот министер за внатрешни работи, Фламур Нока. Тој преку Фејсбук напиша дека ваквите автомобили „може да бидат само нови играчки за перчење на полицајците, а не да се борат против криминалот кој го зафати и министерот“.