Претставата „Нашето насилство и вашето насилство“, на режисерот Оливер Фрљиќ, во рамки на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС кој се одржува во Сараево, вчера сепак беше прикажана пред публиката и покрај притисоците и забраните.
Јавното играње на претставата првично беше забрането од директорите на фестивалот од безбедносни причини, по пишувањата во медиумите и притисоци и закани од насилни групи и поединци дека содржината на претставата ги навредува нивните религиозни чувства, пишува Дневни Аваз.
Но неколку стотина граѓани, кои веќе набавиле карти, се собраа пред театарот и го изразија нивното незадоволство од ваквата „цензура“. Тие на крајот беа пуштени на претставата, со напомена дека тоа го прават на „сопствена одговорност“.
Босанската актерка Јасна Диклиќ рече дека во претставата нема ништо скандалозно, туку дека се работи за концепт кој и во минатото е виден на фестивалот.
„Оваа претстава е критика кон сите нас, па и кон оние кои не доведоа во позиција да се бориме за претставата“, изјави таа.
Премиерот на Кантонот Сараево, Елмедин Конаковиќ, на фејсбук напиша дека градот не заслужува таков циркус и дека полицијата и обвинителството ќе ги истражи заканите и притисоците.
Претставата се одржа под силни мерки на сигурност, а полицијата, цело време додека траеше претставата, се наоаѓаше пред сараевското Народно позориште.
Со свој демант излегоа и продуцентите на претставата кои велат дека сцените опишани во медиумите се извадени од контекст и дека претставата го критикува токму она за што упорно ја обвинуваат, без намера да навреди било која верска заедница.
Фрљиќевата изведба на „Наше насилство и ваше насилство“, според авторите, го критикува лицемерното лице на Европа и повикува таа да преземе одговорност за своето минато.
Претставата ја карактеризира остар и шокантен тон, во намера да покрене размислувања кај луѓето за актуелните состојби.