СЈО: Тапкаме во место, УБК не постапува по судска наредба, ако треба ќе останеме до 1 јануари

Поминаа 12 часови откако сме во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Тапкаме во место – дискутираме, дебатираме, но уште сме на мртва точка. Немаме никаков напредок во одземање на податоците од УБК, кои се предмет на судската наредба, рекоа обвинителките од СЈО, Катица Јанева и Ленче Ристовска на полноќната прес-конференцијата пред МВР.

Ристовска објасни дека денес добиле наредба од Основниот суд Скопје 1 –Скопје, а по повод барање на СЈО за да им бидат доставени сите податоци за броевите кои биле маркирани во УБК во периодот кој е предмет на интерес на ова обвинителство (2008-2015).

„Тие податоци се сомневаме дека се наоѓаат и во моменталните системи кои ги има УБК. Нашата цел е да ги обезбедиме овие податоци за да видиме дали овие податоци се навистина таму, и што може да утврдиме од нив. Од досегашното постапување, на наше големо жалење е што Управата не само што немаше волја да постапи по судската наредба, туку манифестира и недостаток на технички и човечки капацитети за извршување на судска наредба.  Во овој момент не би сакале да инсинуираме дали е тоа намерно или не“, рече Ристовска.

Обвинителката и портпаролка на СЈО ја покажа судската наредба и повторно повтори дека „има институција која не ја спроведува“. Побара од медиумите да бидат повнимателни со објавување на имиња на компаниите кои ги произведуваат системите кои се во УБК. Нагласи дека со нив имаат одлична и целосна соработка во конкретниот случај, и не треба да се наруши угледот на компаниите.

Јанева изрази разочараност од односот на раководството во УБК, како и од директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој, како што рече, постојано бил до обвинителите и истражителите, под изговор дека се грижел за полицајците. Според специјалната обвинителка, непочитување покажал дополнителниот заменик министер Оливер Андонов.

„Ние нема да си одиме се додека целосно не постапиме по судските наредби. Ќе бидам цела вечер тука. Консултантите на директорот на УБК не убедуваат дека е невозможно да постапат по барањата од судските наредби, но ние знаеме дека може да се направи. Одбегнуваат да го направат. Но, мора да се спроведе. Во интерес на граѓани на РМ ние свесно пристапивме кон овој чекор“, рече Јанева, дополнувајќи дека ако треба ќе останат и до 1 јануари.

Новинарите поставуваа повеќе прашања, а обвинителките од СЈО ги повикаа да дојдат утре на прес-конференција од 11 часот, која ќе се одржи во новите простории на оваа институција.

Фото: Принтскрин од 24Вести