Издавачката куќа „Бегемот“ распиша Конкурс за кратка проза „Очудувања“ на кој може да учествуваат сите дебитанти и искусни писатели од Македонија. Единствените услови на конкурсот се – да се поднесе кратка прозна книжевна форма и да биде напишана на македонски јазик.
Уметничката вредност на текстот ќе биде оценувана преку стилската оригиналност, креативноста на наративната стратегија и инвентивноста на односот кон темата. Нема ограничувања во однос на изборот на темата. Изборот на расказите го прави редакцијата на издавачката куќа.
„Целта на конкурсот е да им дадеме поддршка и публицитет на што поголем број квалитетни македонски писатели, но и да откриеме нови смели пера од Македонија, а потоа да им отвориме можности за учество во македонскиот и во меѓународниот книжевен свет“, соопшти „Бегемот“.
Конкурсот ќе биде отворен во текот на целата година, а избраните раскази двапати годишно ќе бидат објавувани во дигитални збирки на веб-страницата на „Бегемот“, слободни за преземање и за читање. Електронските изданија ќе бидат непрофитабилни.
Заинтересирани кандидати треба да ги пратат текстовите на електронската адреса: andrej@begemot.mk.