Српската компанија „Адриа медиа груп“ објави дека го откупи контролниот удел во весникот „Слободен печат“. Преку оваа зделка белградската групација стана доминантен сопственик во новата издавачка компанија „Адриа медиа Балкан“, која од денеска го издава весникот „Слободен печат“ кој е критички медиум кон политиките што ги практикува сегашната власт.
Со тоа српските компании, кои во огромен процент се застапени во медиумскиот простор во Македонија, („Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“ и порталот „Телеграф“, телевизијата „Алфа“) добија уште еден медиум.
Kомпанијата е издавач и на српскиот дневен весник „Курир“, на истоимениот портал (kurir.rs) и на повеќе други популарни печатени изданија, веб-портали и мобилни апликации.
Претседателот на АМГ, Александар Родиќ, изјави дека одлуката за влез на македонскиот пазар е донесена со верба во потенцијалите за развој на дигитални и печатени медиуми во Македонија.
Досегашни сопственици на „Слободен печат“, според документите од Централниот регистар, беа Владимир Кошевалиски и Градимир Јовановиќ.
Кошевалиски претходно бил маркетинг-менаџер во „Аутомотив груп“, а познат е и како сопруг на водителката Иванна Хаџиевска, сега вработена во кабинетот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Градимир Јовановиќ е поранешен уредник и новинар во македонското радио, кој е во пензија.
Најголем удел во македонските медиуми има Веселин Јевросимовиќ, кој е српски бизнисмен и основач на компанијата „Комтрејд“, која во 2009 година го доби тендерот за набавка на компјутери за деца во основните училишта во вредност од 11,7 милиони евра.
Во рамките на овој тендер, Јевросимовиќ на македонската влада ѝ продаде 55.000 компјутери за учениците до трето одделение.
Веселин Јевросимовиќ во 2013 година го откупи мнозинскиот пакет акции во скопската телевизија „Алфа“.
Јевросимовиќ има сопственички удел и во компанијата „Графички центар“, инаку една од сопствениците на групацијата МПМ, која ги издава весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“ и порталот „Телеграф“.
Медиумите во август годинава известија дека две српски фирми на бизнисменот Веселин Јевросимовиќ кои учествуваат во сопствеништвото на телевизијата „Алфа“ и на порталот „Телеграф“, излегуваат од бизнисот во Македонија, но тоа остана неофицијална информација.
Дел од медиумите се поврзани со Србија и преку свои новинари кои работат како дописници во оваа земја. Дел од медиумите шпекулираа дека уредничката во телевизија „Сител“ и на дневниот весник „Вечер“, Ивона Талевска, од 2013 година работи како дописник на српската новинска агенција „Танјуг“ и на јавниот сервис „Радио-телевизија Србија“. Oваа вест не заврши со потврда ниту од Талевска, ниту од српските медиуми.
Интересно е дека во септември дневниот весник и портал „Курир“ од Србија објави текст со наслов „ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Лажен Курир ги залажува читателите во Македонија“.
„Информативниот портал www.kurir.mk нема никаква врска со изданијата од „Адрија медиа груп“, дневниот весник „Курир“ и веб-страницата www.kurir.rs“, соопштија од „Адрија медиа груп“.
„Македонскиот портал www.kurir.mk е очигледен обид за манипулација со јавноста и за злоупотреба на највлијателниот медиумски бренд на Балканот“, пишува српскиот „Курир“.
„Ги предупредуваме нашите читатели во Македонија дека пишувањата на порталот www.kurir.mk не ги одразуваат ставовите и уредувачката политика на изворниот „Курир“, бидејќи зад оваа неуспешна копија стојат политичари“, посочија тогаш од српското печатено издание.
Сопственик на македонската копија е компанијата „ЕМ Медиа“ ДОО од Скопје, која е поврзана со Сашо Мијалков, поранешен шеф на македонската тајна служба – УБК, тогаш обвинија од АМГ.