Сите кои денеска влегуваа во Шуто Оризари ги пречекуваше пораката „добредојдовте во општината без матичен гинеколог“, а на здравствениот дом во центарот на Општината стои напомена дека тука нема матичен гинеколог – со иронична благодарност за таа ситуација до Министерот за здравство.
Ова е прв пат да се направат герила-акции во Шуто Оризари, информираат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари. Тие се решиле на ваков протест поради неисполнетите ветувања од Владата, како и за подигање на свеста за проблемот со недостаток на матичен гинеколог со кој се соочуваат околу 8 илјади жени од оваа скопска општина.
„Се одлучивме преку овие герила-акции да алармираме и нашиот револт и незадоволство да го изразиме на малку поинаков начин. Жителите, особено жените од Шуто Оризари ни даваат целосна поддршка и се заедно со нас, бидејќи овој проблем го засега целокупното население на оваа Општина“, изјави за РадиоМОФ, Салија Бекир Халим од Иницијативата.
Времените мерки, кои ги ветил Министерот за здравство Никола Тодоров, не функционираат и жените се оставени да се снаоѓаат сами во водењето на нивната бременост. Распишаниот конкурс за специјализанти, кое го најави Тодоров, според нив, наместо да го реши – отвора дополнителен проблем.
„Шуто Оризари нема матичен гинеколог веќе седма година. За да специјализираат овие специјализанти за гинекологија ќе треба уште шест години. Практично сме оставени уште толку време без гинеколог, а прашање е и дали некој од нив би работел како гинеколог во оваа општина“, додава таа.
Од Иницијативата очекуваат дека нивниот револт ќе го привлече вниманието на јавноста и дека власта ќе најде решение тие да добијат матичен гинеколог кој им е неопходен за нормално водење на бременоста. За овој проблем на жените од Шуто Оризари, РадиоМОФ пишуваше и претходно. Најавуваат дека ваквите акции ќе продолжат и во следниот период.