ОН до Владата: Итно да ги згрижите бремените Ромки под Калето

Македонската Влада да обезбеди итно, нужно сместување и репродуктивна нега за две бремени жени Ромки, кои летово останаа бездомници поради македонските власти, повикал Комитетот на Обединетите Нации за елиминација на дискриминација врз жените, информираат од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕРРЦ), кои ја поднеле жалбата до Комитетот во името на бремените жени.

Се работи за групата од 120 Роми, за кои РадиоМОФ известуваше во повеќе наврати, кои во август беа насилно избркани од нивните живеалишта под скопското Кале, каде живееле претходните 10 години. Нивните бараки беа срушени за изградба на хотелски комплекс.

120 Роми од август се сместени на оваа локација, во ужасни услови (Архивска фотографија)

Од ЕРРЦ утврдиле дека иселувањето е направено спротивно на меѓународните обврски што Македонија ги има во однос на инклузијата на Ромите, а со опаѓањето на температурите бремените тинејџерки се во ризик своето последно тримесечје да го поминат во импровизирани засолништа и студени шатори. Од организацијата заклучуваат дека Владата не направила ништо за вдомување на овие луѓе.

„Ромите се истуркани да живеат на маргините, а потоа се туркаат уште подалеку. Овој случај ги покажува реалните последици за бремените жени и нивните семејства. Драго ми е што Комитетот на ОН сериозно го сфаќа ова прашање. Но, македонските власти треба да знаат дека и ние сме сериозни, исто така. Со секој ден во кој реагираат, тие само ги влошуваат нивните неуспеси и ние нема да запреме сè додека не обезбедиме правда за овие жени и за останатиот дел од заедницата“, вели Ѓорѓе Јовановиќ, претседател на ЕРРЦ.

Архивска фотографија направена на 19-ти август

Љатифе Шикоска од невладината „Амбрела“, која постојано работи на терен со овие семејства, вели дека тие цело време реагираат до меѓународниот фактор за да се изврши притисок до Владата и Министерството за труд и социјална политика што поскоро да се дислоцираат луѓето од таа локација – меѓу нив и многу бремени жени и деца кои сè уште се под отворено небо.

„Состојбата уште повеќе се влошува како влегуваме во зимско време. Веќе имаме болни деца, а бремените жени се изнемоштени. Состојбата не изгледа добро. Ние вршиме секојдневен притисок до надлежните институции, но од нив нема никаква реакција и конкретна мерка. Луѓето под Кале се спремни да излезат на протест“, информира Шикоска.

Од ЕРРЦ информираат дека минатиот месец и Европскиот суд за човекови права испратил итно известување до македонската Влада да одговори на апликацијата за иселувањето, поднесена од 53 Роми од под Кале.

Од Министерството за труд и социјална политика ни изјавија дека не се запознаени со барањето од Комитетот на ОН, а до објавување на текстот не добивме одговор дали се работи на обезбедување достоинствено место за живот за оваа група на Роми бездомници.

Даниел Евросимоски