Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија заедно со Центарот за пост-конфликтно истражување од Сараево, Босна и Херцеговина, со цел да придонесат кон подобро разбирање на процесите на транзиција и консолидација на демократијата во пост-конфликтните општества, како и со цел да се споделат теоретски и практични знаења за колективните и индивидуалните состојби во време на конфликт, го објавуваат овој Повик за учесници на младински работилници „Обични херои“.
„Обични херои“ е мултимедијален проект на Центарот за пост-конфликтно истражување, кој се базира на интервенции во интеркултурното разбирање во општества кои опфаќаат различни социо-културни заедници. Проектот ја доби првата награда за културна иновација, доделена од Организацијата на обединети нации и генералниот секретар Бан Ки Мун во 2014 година, а истиот се состои од неколку компоненти, меѓу кои и 1)изложба на портрети и сведоштва на луѓе „Спасители“ кои имале значајна морална улога за време на конфликтите во Камбоџа, Руанда, Босна и Херцеговина, како и за време на Холокаустот, 2)серија на документарни филмови кои се однесуваат на вистинските приказни на граѓани на Босна и Херцеговина, чии засолништа за време на масовните злосторства во ова држава значеле и спас на животите на Другите.
Работилниците ќе ги опфатат овие активности од проектот „Обични херои“, како и две предавања од страна на д-р. Ана Чупеска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ на тема мултикултурализам и транзициска правда, и од страна на д-р. Ирина Талевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на тема Холокаустот, масовните злосторства и односите на моќ.
Дополнително во рамки на работилниците ќе биде претставена и мултимедијалната платформа „Балкан дискурс“ и ќе биде одржан разговор со Кристина Озимец на тема граѓанско новинарство и дигитален активизам.
Работилниците ќе се одржат на 28 и 29 ноември, 2016 година, а во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, работилниците ќе се одржат во некоја од предавалните на факултетот. Работниот јазик за време на работилниците ќе биде македонскиот и босанскиот јазик. На работилниците, ќе бидат поделени и материјали за понатамошно читање и запознавање со темите кои ќе бидат отворени за време на истите.
Заинтересираните кандидати треба да испратат своја биографија (CV) на електронската адреса: viki.mladenova@mhc.org.mk, најдоцна до 23 ноември, 2016 година, при што по извршувањето на селекција на учесниците, тие ќе бидат известени за понатамошните детали околу одржувањето на работилниците.