Движењето „Ние одлучуваме“ постави споменик на иселените во Валандово

Акција на граѓаните од платформата „Ние одлучуваме“ ги потсети валандовчани за иселеничкиот тренд на младите од Валандово, со поставување на „споменик на иселените“, пренесува локалниот портал gevgelijanet.com.

Валандово старее и секоја година младите се иселуваат од него. Иако важи за плоден земјоделски крај, нема работа за новите генерации образовани кадри, дипломци, магистранти.

Споменикот на иселените предизвикал внимание кај валандовчани, некој со потврда на вистината дека во Валандово и валандовските села остануваат само старите, пензионери и земјоделци, други со провокација до активистите.

Денешната акција во Валандово била поддржана и од тим активисти кој делел бесплатен број од најновиот граѓански весник „Ние одлучуваме!“.

Граѓанската акција „Ние одлучуваме“ ги потсетува жителите на градовите низ Македонија со својот караван, дека уставното право на слободен избор, слободен глас, без заплашување и без уцени е нивна можност која треба да ја искористат на 11 декември, на претстојните вонредни парламентарни избори во Македонија и да се вложат со својот глас кон подобар живот и подобра иднина за сите жители.