86 годишен старец научил да плете за предвремено родени бебиња

Докажувајќи дека никагаш не е доцна да се научи нешто ново, 86-годишен маж од американската држава Џорџија, успеал да научи да плете за да изработи капчиња за бебиња кои предвремено се родени во неговиот град.

Ед Мосли, живее во дом за стари лица во Акворн и кога локалната заедница започнала иницијатива за изработка на рекорден број плетени капи за предвреме родени бебиња во болницата Нортсајд во Атланта, тој решил да го прифати предизвикот, иако никогаш претходно во животот не го практикувал ова хоби.

„Само ги следев инструкциите. Беше лесно. Никогаш не сум плетел и постојано го поврзував плетењето со многу игли, но ова изгледаше едноставно за мене. По два или три обиди успеав да изработам добар финален производ“, рекол Мосли за АБЦ Њуз.

Мосли лично изработил вкупно 55 капи за бебињата во болницата. Заедно со останатиот дел од заедницата, вработени во болницата, пријателите и членовите на семејствата успеале да испорачат преку 300 капи за Нортсајд, далеку над бројката од 200 капи кои биле поставени како цел.

И пациентите и вработените во медицинската установа биле презадоволни од придонесот, а Мосли бил толку инспириран од искуството што планира да продолжи да плете.

„Ми беше големо задоволство да го правам ова. Сега се усовршив и на поголеми капи. Им правам на сите мои внуци“, рекол тој.