Нема бегање од смрдливиот воздух. Оди до работа, смрди. Излези на дружба со другари, смрди. Вози велосипед, смрди. Отвори прозорец за да пролуфтираш, уште повеќе смрди. Постирај фотка со замаглена улица на Фејсбук, пак смрди. Не пуштај телевизија, смрди. Пикни паркет во ќумбе, смрди не се дише. Качи се во кола до најблиската трафика по цигари, уште повеќе засмрдува(ш). Оди на планина, врати се, повторно смрди. Смрди секоја зима, со години. Ќе смрди и по избори. Ќе смрди сè додека не престане да смрди!
Затоа, пак ќе бидам досаден. Пак ќе „лупам“. Затоа што знам дека не треба да сме професори и научници за да констатираме дека смрдеата значи загадување на воздухот. Високо аерозагадување. Енормно, катастрофално за-га-ду-ва-ње. Загадувањето значи нечија индиферентност. Репризни банални препораки од типот „не излегувајте надвор“, „не возете премногу автомобил“ или „правилно користете печки за дрва“ очигледно натераа многумина да се погледнат во огледало, па да се свртат низ градот и да бидат „промената што сакаат да ја видат во својот видокруг“. Дали?!
Кампањи и одбележување „светски денови“ што треба да инјектираат совест ќе ги наполнат болниците и некролозите пред „магично“ да исчезне токсичниот смрдлив воздух. Може затоа е подобро да чекаме да заврне, или да заврне? Снег, некој? Што викате? А, да нарачаме шишиња со кислород? Од исток? Амбалажи со конзервиран воздух знам едно време се произведуваше во југозападната провиненција Гуејџоу, се „пакуваше“ воздух во еко-туристичките зони Фаџинг и Лејгонг. Или секој дома да земе правосмукалката и да вшмукува нечист воздух од прозорец, со тоа што услов би било да не правосмука по долна маичка. Ладничко е.
За да не се сомневаат во можноста да фатат некое белодробно заболување, македонските граѓани од урбаните единици деновиве можеби треба да се преселат во некое планинско подножје. Може да нурнат и во најблиското езеро, река или во домашната када да се обидат да го срушат Гинисовиот рекорд – 22 минути без воздух! Оние понеамбициозните, пак, ќе мора да живеат со флоскулата „Човекот без храна може да издржи 30 дена, без вода 3 дена, а без воздух 3 минути“.
Многу се добри извештаите од инспекциските контроли на индустриски капацитети. Омилени ми се. Единствено постојат во компјутерите и тетратките на инспекторите. Или само во мислите. Бројки, без конкретни имиња, објавени јавно, е еднакво на смрдеа. Пече на нос и очи, оцрнува бели дробови, но најважна е дискрецијата кон капацитетите. За да ни носат пари и работни места. Па-мет-но!
Истовремено, сечење стотици разгранети дрвја, и нивна „замена“ со мали ситни садници. Или со палми со висока апсорпциска моќ. За да го личи градот. Градиме автопати насред централно подрачје. Нема некој развиен јавен транспорт и велосипедска инфраструктура, ама, ете, што да не стимулираме употреба на автомобили. Нови, стари, половни. СвЕ. По еден човек во кола, максимум двајца. Големо ова скопјево за пешки или дупетраскало.
Гасификација? Ќе биде, стрпете се! Многу интересно е што секоја зима мултисекторската група за управување со амбиенталниот воздух, составена од претставници од повеќе министерства и институции, даваат препораки. Без рестрикции, само предлози за да не се наруши социо-економската утопија. Власта пред и после новогодишните жижици, во тој дух, се грижи за своите гласачи-дишачи. Само превентивно! Рестрикции само за пушачи! Second hand гушење и онака не е докажано.
Ало, ова е екоцид. Ало, ќе си заминат или умрат вашите гласачи! Ало, бројка од 196 делумно субвенционирани скопјани за печки за пелети е предмет за подбивање. Тоа е срам, а не мерка.
Ало, кога затворање или дислоцирање фабрики, забрани за коли, санкции за греење? Кога? Ќе не’ нема!
Бојан Шашевски