Доколку руската Дума го усвои нацрт-законот со кој се ограничува на 20 % странското учество во руските компании за аудиовизуелни услуги со професионална содржина, видеоплатформата „Јутјуб“ би можела да се повлече од Русија.
Ограничувањето би можело да започне од 1 јуни 2017 година, а зад него стојат фирмите Газпром медиа“ и „СТС медиа“, објави весникот „Комерсант“.
Според руското здружение Медиумско-комуникациски сојуз, терминот „организатор на аудиовизуелни услуги“ го опфаќа и „Јутјуб“, каде корисниците објавуваат и содржини од сопствено производство. На „Јутјуб“ освен содржини на корисниците се објавуваат и професионални содржини и во моментов нема начин за разграничување на овие две категории, изјавуваат извори на „Комерсант“ за можните причини за повлекување на Јутјуб од Русија.
Освен тоа со усвојување на законот може да се појават дополнителни трошоци за создавање нова инфраструктура, смета еден од изворите на весникот.
Според „Комерсант“, руските мобилни оператори „Вимпелком“ и МТС се против усвојувањето на законот, со кој се ограничува дејноста на странските онлајн филмски канали. Извори на весникот сметаат дека законот бил напишан специјално против американската Нетфликс, која во јануари најави дека ќе се насочи кон рускиот пазар.