Реплика во реална големина на еден од најпознатите бродови во историјата, Титаник, ќе стане туристичка атракција во тематски парк во Кина.
Изградбата на бродот, долг 269 метри, започна денес и е во план да биде закотвен на пристаништето во руралната средина Сечуан.
Оригиналниот брод, кој беше дело на Харланд и Волф во Белфаст, удри во санта мраз и потона во Атлантскиот океан во 1912 година, при што починаа 1500 луѓе. Несреќата се случи за време на неговото патување од Саутемптон до Њујорк.
Приказната за овој брод фасцинира и денес голем дел од популацијата во Кина, а особено по филмот од 1997 година, со Кејт Винслет и Леонардо Дикаприо во главните улоги.
Режисерот на филмот, Џејмс Камерон, направи реплика која имаше 90 отсто сличност со историскиот брод, иако досега не е изградена реплика во реална големина.
Австралискиот милијардер Клив Палмер ги најави плановите да создаде ист таков брод во 2012 година, но проектот се уште не е завршен.
Внатрешноста на кинеската реплика ќе биде речиси идентична како оригиналниот брод, со простории за бал, театар, базен за пливање и кабини за прва класа, со дополнителни услуги како wi-fi.
Компанијата првпат го најави проектот во 2014 година и за него ќе се потрошат 115 милиони фунти.